Српската полиција денеска влезе во Ректоратот на Универзитетот во Белград, по наредба на Вишото јавно обвинителство, во рамки на истрагата за смртта на 25-годишна студентка од Филозофскиот факултет.
Според соопштението на обвинителството, на Одделот за криминалистичка полиција му е наложено да ги заплени серверите и опремата на кои се чуваат снимките од надзорните камери, со цел да се утврдат околностите под кои студентката влегла во зградата и што се случувало пред трагичниот настан.
Истрагата е отворена откако студентката беше пронајдена мртва на 26 март, под сè уште неразјаснети околности. Во меѓувреме, деканот, вработени и обезбедувањето на факултетот беа повикани на разговор под сомнение за „несовесно работење во служба“, а изјави се земени и од студенти кои биле присутни во зградата.
Обвинителството наведува дека снимките од надзорните камери може да бидат клучни докази – особено во делот дали студентката влегла сама, преку кој влез и дали носела нешто со себе. Посочено е и дека постојат повеќе неконтролирани влезови во објектот.
Покрај заплената на опрема, на полицијата ѝ е наложено да прибере и други предмети што би можеле да послужат како доказ во понатамошната постапка.
Но, акцијата предизвика силни реакции во академската заедница. Дел од професорите и организациите ја оценуваат како притисок врз универзитетот, особено во контекст на минатогодишните студентски блокади и протести.
Професорот Огњен Радоњиќ од Филозофскиот факултет изјави дека не гледа поврзаност меѓу истрагата и наводите за корупција и криминал, оценувајќи дека станува збор за закана за автономијата на универзитетот.
„Кога тираниите го достигнуваат својот зенит, тие стануваат сè посурови“, изјави Радоњиќ за Н1.
Академската мрежа „Слободан универзитет“ од Нови Сад оцени дека полициското влегување во Ректоратот претставува продолжение на притисокот врз академската заедница и дополнително ја продлабочува атмосферата на страв.
Во меѓувреме, шефот на Делегацијата на Европската Унија во Србија, Андреас фон Бекерат, повика на воздржаност и предупреди дека трагедијата не смее да се политизира, апелирајќи и до медиумите да известуваат со почит кон случајот.
Настаните повторно го отвораат прашањето за границата меѓу истражните дејствија и автономијата на универзитетите – тема што сè почесто се наоѓа во фокусот на јавноста во Србија.