Бугарската полиција откри голема подземна плантажа со канабис во поранешен рудник за цинк кај селото Гарљано, недалеку од границата со Македонија. Во операцијата се обвинети три лица, а по четврто лице сè уште се трага.
Според бугарските власти, досега се запленети околу 70 килограми дрога, 600.000 евра во готовина и 600 парчиња муниција. Плантажата била дел од истрага за трговија со дрога и перење пари, а рудникот бил опремен со високотехнолошка инфраструктура.
Надлежните наведуваат дека поранешниот рудник најверојатно се користел за производство на канабис во големи количини, наменет за шверц во странство. Дел од подземните галерии биле претворени во оранжерии, а други во простории за престој, кујни и техничко одржување.
Истрагата ќе трае со месеци, бидејќи властите треба да го утврдат целосниот обем на операцијата, сопственичката структура на рудникот и можната поврзаност со организирана криминална мрежа. Бугарските медиуми случајот го опишуваат како еден од најнеобичните откриени подземни нарко-комплекси во земјата.