Пет европски држави — Велика Британија, Франција, Германија, Шведска и Холандија — со заедничка изјава ја обвинија Русија дека стои зад смртта на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, наведувајќи дека лабораториски анализи откриле траги од силен токсин.
Според нивното соопштение, национални лаборатории анализирале примероци поврзани со Навални и „конклузивно“ утврдиле присуство на епибатидин — исклучително моќна токсична супстанца позната од отровни жаби од Јужна Америка. Државите наведуваат дека ваков отров не се произведува природно во Русија и дека комбинацијата од симптоми и околности упатува на труење како најверојатна причина за смрт.
Навални почина во февруари 2024 година во казнена колонија во Арктикот, случај што тогаш предизвика силни реакции од западните влади и меѓународни организации. Кремљ и тогаш ги отфрли обвинувањата за вмешаност.
Руските власти повторно ги негираа наводите. Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, изјави дека станува збор за „дезинформациска кампања“ и политички мотивирани обвинувања, а руската дипломатија оцени дека целта е дискредитација на државата на меѓународна сцена.
Западните држави, пак, истакнуваат дека фактот што Навални починал во затвор под контрола на руските власти, според нив, укажува дека државата имала можност и средства да изврши труење.