Дина Јашари, авторка и музичарка, промоторка на македонскиот јазик и музика

Дина Јашари: Пеам на македонски низ Европа и публиката ме разбира низ музиката и емоциите

Дина Јашари ја затекнавме помеѓу два концерта. Перидов таа со своите „Другари“ има настапи низ неколку европски држави, а им претстои и полно лето работа. Зборувавме и за идните планови, нејзините соништа и како таа го замислува својот музички колорит во иднина.

Трн: Имате музичко патување периодов, како е на пат?

Дина: Патувањето знае да е напорно, особено ако е возење во комбе повеќе од осум саати и тоа три дена по ред, но кога стигнуваме на локации како што се Будимпешта, Краков, покрај Драва во Осијек, забораваме колку сме уморни и сиот напор има смисла. Особено ако си со екипа што знае да ужива во мали работи, од застанување на кафе паузи по бензински, свирење на мини клавијатура и пеење во комбе, правење филозофски муабети, некогаш и празни муабети, инсајдерски шеги и слични работи што се случуваат додека си на турнеја. 

Трн: Како се другарите?

Дина: Одговорот го дадов во претходното прашање, сакам да сум опкружена со луѓе што знаат да уживаат и ја гледаат големата слика на нештото. Турнеја воопшто не е мала работа, свирењето музика е најмалиот дел од времето што го поминувате заедно со бендот. Треба да успеете да функционирате заедно 24/7.

Трн: Каде си поминавте како од соништата, или не сонувате туку само свирите?

Дина: Почнуваат да ни се случуваат работи за кои сме сонувале, сега гледаме да ги живееме и да уживаме во свирењето.

Трн: Значи навистина твојот дом е таму каде што ќе посакаш?

Дина: Изведувајќи ја мојата музика веќе и во европски земји, сфаќам дека најмногу се чувствувам како дома на Балканот. А тоа е нормално, поради јазичната бариера. Доказ за тоа е и ова лето, букирано со најмногу настапи во Хрватска, Србија, Словенија…

Трн: Каде продолжуват и во која држава посакувате да имате настап, а ја немате во распоредот?

Дина: Одиме на Егзит фестивал во Нови Сад, потоа еден месец во Хрватска на Зларин, Мљет, Ластово, Макарска… Голема желба имам да настапам во Португалија и Австралија.

Трн: Имаат ли посетеност вашите концерти и што е она што го научивте од патувањето?

Дина: Со секое патување запознавам нови луѓе и стекнувам нови пријателства, им препорачувам на артисти и бендови да го искусат тоа доколку не се обиделе до сега, ги послушав советите од поискусните од мене и се докажа дека се во право.

Трн: Целиот репертоар е на македонски јазик или… и како тоа го прима тоа публиката?

Дина: Целиот репертоар е на македонски јазик, свириме моја авторска музика. Можеби некогаш ќе напишам текстови и на други јазици, отворена сум за тоа. Со тоа што сѐ повеќе сме барани да настапуваме надвор од Македонија, се докажува дека доколку се нуди квалитетна музика и настап, јазичната бариера воопшто не е видлива, се разбираме преку музиката и емоциите.

Трн: Колку и зошто ти се важни пораките кои ги испраќаш преку музиката до луѓето?

Дина: Според коментарите што ги добивам од публиката после настапите ми се докажало дека луѓе се жедни за квалитетна музика, особено добра изведба во живо, сите искуства од турнеите што ги правам овие две години ме мотивираат да сакам сѐ повеќе да патувам и да настапувам.

Трн: Зошто ти е важно да пееш на македонски јазик и дали популарноста во иднината ќе ве натера да пеете и на други јазици?

Дина: Доколку научам некој друг јазик доволно за природно да ми дојде да напишам текст, би го направила тоа. Отворена сум и за соработки и креативно да експериментирам со музика и текст.

Трн: Го спомена Егзит, каков репортоар спремате за таму, колкав коцерт ќе имате и на која сцена ќе свирите?

Дина: На Егзит ќе дадеме концерт каков што знаеме да дадеме, истото што го даваме кога свириме и во  Македонија и кога сме на турнеја. Возбудени сме затоа што ова е една убава шанса да се претставиме кои сме.

Трн: Од сегашна перспектива успеа ли за овие неколку години да ги разлееш доволно боите или уште не си започнала и како го замислуваш тој колорит?

Дина: Боите се разлеваат понекогаш и без да сме свесни, тоа ми се случи неочекувано, колку повеќе работам на себе, толку повеќе опции ми се отвораат. Сакам да ги задржам тие бои што ме водат и да продолжам да бојам со нив и да стварам нови.

Трн: Публика околу тебе, настапи, музика и зборови, значи дека песната „Досада“ ја изгуби смислата?

Дина: Ја напишав кога бевме сите затворени меѓу четири ѕидови, а „Досада“ ми помогна да избегам од досада. Има смисла нели?

Трн: Снимаше некои песни со важни македонски музичари, кога и што да очекуваме наскоро, со кого и што ни спремаш?

Дина: Има потенцијални соработки со музичари од Балканот, а и од Македонија. Јас сакам да работам споро и сигурно, сѐ треба да се сподели во свое време. А сега ми треба време пред да споделам.

Трн: Во една прилика ако паметам им се качи на бина на Фанк шуи и направивте супер комбинација низ музиката. Ми се виде дека не сте ни договорени за тоа.

Дина: Да, тоа се случи на концертот на Оревче, и јас и тие имавме настап на истиот фестивал, беше супер дружба и прилика да си дадеме поддршка едни на други, така треба да функционира нашата музичка сцена. 

Трн: Е на кого така ти се „улетува“ на бина, без да знае и да отпеете нешто?

Дина: На Tom Misch

Трн: Дали сега си своја на своето и зошто не си? Ха ха ха…

Дина: Рано ми е да сум своја на своето, а не знам дали некогаш ќе се чувствувам дека сум. Имам многу албуми и концерти за правење, песни за пеење, музика за слушање и учење…

Трн: Како ги доживуваш своите врсници, младите воопшто, колку знаат да изберат музика, колку препознаваат квалитет, како да ги заштитиме од лоша музика?

Дина: Не можам да генерализирам и да судам каква музика слушаат младите, јас лично сум опкружена со луѓе со кои слушаме слична музика и се трудам да учам од луѓе што ценат квалитет. За да ги оттргнеме помалите генерации од кич музика, треба да почнеме од себе, да поддржуваме квалитетни музичари, да ја споделуваме нивната музика секаде кај што имаме шанса, преку сите медиуми и социјални мрежи што ни се на дофат. 

Трн: Што е она што ни го одзема времето, особено на младите, па немаат време за слушање музика, немаат време за концерт, избираат поинакви вредности.. и дали успеваш некако со твоите песни да допреш до нив?

Дина: Се надевам дека успевам да допрам, а тоа треба да ни биде цел на сите нас што се бавиме со правење и изведување музика. Да бидеме поприсутни, барем малку да успееме да заземеме простор.

Трн: Кога не пееш, тогаш?

Дина: Свирам, зборам, творам, се дружам, вежбам, спијам, договарам, менаџирам.

Трн: Нов материјал кога? Што се подготвува или сега немаш време?

Дина: Две години активно патувам и настапувам, имам многу нови песни што чекаат да бидат завршени и снимени, после ова продуктивно патувачко лето, следи тивка есен и зима посветена во студио.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни