Неколку дена по апсењето на венецуелскиот претседател Николас Мадуро во американска воена операција, улиците на Каракас се претворија во сцена на страв и неизвесност. Во главниот град, вооружени мажи со маски и автоматско оружје поставуваат импровизирани контролни пунктови, запираат возила и бараат од граѓаните да им ги предадат телефоните на проверка.
Групите се дел од т.н. Colectivos – паравоени милиции лојални на режимот на Мадуро, кои со години функционираат како неформална рака на репресија на власта. Сведоци велат дека тие дејствуваат по директна наредба на властите, со цел да ги идентификуваат и заплашат сите кои јавно или приватно изразиле поддршка за американската акција и за Доналд Трамп.
На автопатот Авенида Бојакá, кој минува покрај националниот парк Ел Авила, сообраќајот целосно бил блокиран додека вооружени лица ги претресувале возилата. „Иднината е неизвесна. Colectivos имаат оружје, а тука веќе се присутни и колумбиски герилски групи. Никој не знае што ќе се случи“, изјави за Телеграф 69-годишниот трговец Освалдо.
Вонредна состојба и забрана за „славење“
Со указ за вонредна состојба, објавен во понеделникот, властите наредија „итно започнување национална потрага и апсење на сите лица вмешани во промоција или поддршка на вооружениот напад на Соединетите Американски Држави“. Практично, тоа значи забрана за било какво јавно или приватно одобрување на апсењето на Мадуро.
Една жителка на Каракас, која побара анонимност, изјави дека повеќе не излегува од дома со телефон: „Се плашам дека можат да ми ги најдат пораките или фотографиите и да ме уапсат“.
Според новинарски извори, паравоените групи веќе привеле најмалку 14 новинари и медиумски работници, од кои 11 од странски медиуми. Дел од нив биле ослободени по неколку часа, додека за други сè уште нема информации каде се наоѓаат.
Покажување сила и пораки на лојалност
На социјалните мрежи кружат видеа на вооружени мажи кои порачуваат дека нема да дозволат САД „да ја ограбат Венецуела“. Во едно од видеата се појавува и министерот за внатрешни работи Диосдадо Кабељо, близок соработник на Мадуро, кој позира со припадници на милицијата додека тие скандираат: „Секогаш лојални, никогаш предавници“.
Кабељо, кој според американските власти има награда од 50 милиони долари поради обвиненија за трговија со дрога, се смета за главниот политички контролор на Colectivos.
Нова власт, ист режим
Додека Мадуро во Њујорк тврди дека е „воен заробеник“, во Каракас неговата долгогодишна сојузничка Делси Родригез беше инаугурирана како привремена претседателка. Таа положи заклетва пред Националното собрание, предводено од нејзиниот брат Хорхе Родригез.
„Дојдов со тага поради страдањата нанесени на венецуелскиот народ по нелегитимната воена агресија врз нашата татковина“, изјави Родригез, нарекувајќи го апсењето на Мадуро „киднапирање“.
Иако уставот на Венецуела предвидува избори во рок од 30 дена доколку претседателот е трајно неспособен да ја врши функцијата, Врховниот суд оцени дека отсуството на Мадуро е „привремено“. Тоа ѝ овозможува на Родригез да владее до 90 дена, со можност рокот да се продолжи до шест месеци.
Опозицијата предупредува на опасна ескалација
Лидерката на венецуелската опозиција и добитничка на Нобеловата награда за мир, Марија Корина Мачадо, изјави дека репресијата е „крајно загрижувачка“ и дека демократската транзиција мора да започне веднаш.
„Делси Родригез е еден од главните архитекти на тортурата, прогоните, корупцијата и нарко-трговијата“, изјави Мачадо, додавајќи дека таа не е личност што може да ужива доверба ниту кај народот, ниту кај меѓународната заедница.
Граѓаните меѓу надеж и страв
Иако дел од жителите на Каракас првично се надеваа дека апсењето на Мадуро ќе донесе вистински промени, многумина сега се разочарани. „Сè е исто. Едниот замина, другиот го замени – Делси Родригез, Кабељо, Падрино Лопез – сите се уште тука“, вели Освалдо.
Други се загрижени од можноста иднината на земјата да се решава надвор од Венецуела. „Ни треба транзиција и избори, не некој друг да управува со нашата земја“, додава тој.
Додека паравоените групи продолжуваат да патролираат низ населбите, иднината на Венецуела останува неизвесна, а стравот повторно станува секојдневие за голем дел од нејзините граѓани.
