Парадата на гордоста е порака до државата да почне поинаку да ја третира ЛГБТИ заедницата

Паркот Жена Борец денес во боите на виножитото ја славеше различноста под слоганот Гласни и Горди. Се вееја знамиња во боите на прајд, се цртаа и се шминкаа во боите на прајд и со силна медиумска поддршка се одбележа и оваа четврта по ред Парада на гордоста.

За разлика од минатите години, сега активистите и учесниците гласно и гордо говореа зошто е важен Прајдот, зошто се тука, храбро барајќи си поголеми права и слободи како и сите „straight“ луѓе од заедницата.

Ирена Цветковиќ од Коалиција Маргини посочи дека разликите од првиот прајд па се досега се на две нивоа. „Прво имаме растење на бројот на луѓето кои се дел од скопската парада на гордоста. Но, како расте поддршката и силата на оваа заедница, така расте и отпорот, така што годинава имаме поорганизиран отпор. Би рекла дека тоа се клучните разлики. Она што е најважно што на парадата на гордоста се појавува самата ЛГБТИ заедница. Таа бројка континуирано расте. Не е лесно да се биде дел од ЛГБТИ заедницата во Македонија и затоа разбираме зошто на почетокот ги немало. Поддржувачите се различни, дел од нив доаѓаат од ранливи маргинализирани групи а дел од нив се просто граѓани кои веруваат во оваа земја и во демократско општество“.

„Она што е највидливо е што нема толку големо насилство врз ЛГБТИ заедницата, но затоа со сигурност можеме да кажеме дека е зголемен говорот на омраза особено на социјалните медиуми кон ЛГБТ заедницата“, изјави Лила Милиќ, трансактивистка, основач на Трансформа, Иницијатива за заштита и унапредување на трансродовите лица. Таа додава дека денес е дојдена да застане на страната на еднаквоста, љубовта и правдата. Околу промените кажа дека се видливи но се многу мали чекори.

Биљана Гинова, активстка и учесник на парадата доаѓа специјално за прајдот од Битола. „Досега немам пропуштено ниту еден прајд во Скопје, затоа што сметам дека се многу важни, дури и првата година кога се организираше во 2019 година, дојдов дури од Англија за да земам учество и да дадам свој придонес.“ Споредено со Англија, таа вели дека и покрај тоа што живеела во Брајтон, сепак може да каже дел од ЛГБТИ заедницата ужива малку повеќе слобода таму, но не сите ЛГБТИ луѓе. Не се прифатени трансродовите, оние од посиромашните заедници, оние кои доаѓаат од црна раса се изложени на поголемо насилство и кај нас и таму.  „Кај нас трансродовите луѓе со години се борат да имаат правно признавање на родот, но државата тоа сеуште не им го овозможува. Иако дури и една од организациите успева да добие и пресуда во Стразбур, што значи дека нашата држава има правна обврска да го овозможи ова за трансродовите луѓе, се уште не го овозможува. Прајд е јасна порака дека државата треба да застане малку повеќе за трансродовите луѓе и ЛГБТИ луѓето. Затоа сум јас денес тука. Ова е прајд парада, но за мене е протест, протест за остварување најосновни човекови права!“

Активистот Милан Јовановски од Куманово, годинава прв пат собра храброст да дојде на Парадата: „До пред две и пол години се криев за мојата сексуалност, но веќе не. Јас сум отворено геј, како што може да видите, се гордеам со тоа што сум геј и не се кријам од тоа што сум“. Милан од многу мал сфатил дека е геј и на почетокот му било тешко да го прифати тоа, а потоа бил тешко прифатен и од неговото семејство.

Годинава на прајдот најзастапена беше младата полулација. Се чини дека тие несебично даваат поддршка а и не се плашат отворено да ги изразат своите ставови.

Најмногу погледи собра дрег кралицата која беше облечена во необичен костум од пердуви за кој кажа дека самата го изработила за неколку дена, рачно шиејќи го секој пердув.

Камионите што беа поставени кај Триумфална капија најавуваа добра журка, а временските услови се надеваме дека тоа ќе го дозволат.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни