Паднатиот мост ја затвори Градишка, БиХ отвори нова рута кон Хрватска

Новиот премин треба да ги намали гужвите по целосниот прекин на сообраќајот кај Градишка, а привремената мерка ќе важи три месеци.

По уривањето на дел од мостот на реката Сава кај граничниот премин „Градишка“, сообраќајот меѓу Босна и Херцеговина и Хрватска привремено се пренасочува преку новоотворениот мост кај граничниот премин „Горња Варош“.

Новиот мост бил отворен синоќа околу 19 часот, како итна мерка за намалување на гужвите и застојот што настанаа откако сообраќајот на „Градишка“ беше целосно запрен. Преминот се наоѓа на само неколку километри од оштетениот мост и треба да послужи како алтернативна рута додека трае санацијата.

Станува збор за привремено решение што ќе важи три месеци. Одлуката ја донело Министерството за безбедност на Босна и Херцеговина, откако пред два дена се урнале пешачката патека и дел од заштитната ограда на мостот преку Сава.

Според хрватските медиуми, Министерството во Советот на министри на БиХ донело одлука со која се дозволува пренасочување на сообраќајот преку новиот мост во Горња Варош, чие отворање претходно било одложувано поради административни процедури.

Со оваа мерка се очекува да се намали притисокот врз патниците и превозниците, особено затоа што граничниот премин „Градишка“ е една од важните сообраќајни врски меѓу БиХ и Хрватска.

е-Трн да боцка во твојот инбокс