Неколку откупни центри за овошје и зеленчук се обиделе да ги заобиколат правилата и да работат спротивно на Законот за забрана на нефер трговски практики, покажале контролите на Комисијата за заштита на конкуренцијата. Најсериозните прекршувања се однесуваат токму на односот со земјоделците и добавувачите, односно на договорите врз основа на кои се вршел откупот.
Според КЗК, кај дел од откупувачите биле утврдени неправилности како непостоење писмени договори за откуп, користење договори без задолжителните законски елементи и договорни одредби што не се усогласени со законските обврски. Со други зборови, земјоделците продавале производи во систем во кој правилата не биле јасно и фер поставени.
Комисијата најавува дека против субјектите кај кои се утврдени прекршувања ќе бидат преземени соодветни санкции. Од КЗК апелираат сите учесници во синџирот за снабдување со земјоделски и прехранбени производи доследно да ги почитуваат законските одредби.
Целта, како што наведуваат од Комисијата, е да се обезбедат фер, транспарентни и рамноправни деловни односи, но и да се заштитат земјоделците и останатите добавувачи од нефер трговски практики.