ТРН: Што ви се случува деновиве, кога вашата држава е под вода? Како се снаоѓаат актерите, имате ли воопшто простор каде да одржувате проби и да се подготвите за настапот во Охрид?
Ајда: Информациите за катастрофата во Словенија ме затекнаа на годишен одмор. Мислам дека цел свет остана запрепастен гледајќи ги снимките и фотографиите на катаклизмата која одново не спои во солидарност. Политиката после подолго време стана сложна и ефикасна. Пожарникарите, полицијата и војската како и цивилната заштита ја покажаа својата посветеност кон татковината и кон населението. За среќа, центарот на Љубљана не настрада, така што нашиот театар ја избегна поплавата. Што се однесува до пробите за настапот во Охрид, ќе ги одржиме таму на лице место.
ТРН: Колку изведби имавте со „Нора“ и дали ја прикажавте надвор од границите или Охрид е вашата прва странска станица?
Ајда: До сега ја одигравме претставата повеќе од 30 пати. Премиерата ни беше кон средината на март, а Охрид е нашата прва фестивалска дестинација.
ТРН: Дали публиката ја сфати поентата и пораката на оваа претстава, колку „Нора“ може да влијае на нивните ставови околу еднаквоста во општеството? Од друга страна, колку вие од сцена сметате дека ваквите претстави се важни, околу промовирање на женските права или ова прашање одамна требаше да го тргнеме од дневен ред?
Ајда: Сфаќањето на секоја претстава зависи од освестеноста, отвореноста, подготвеноста на секој поединец да има поинаков поглед на светот. Кога жената ги напушта децата тоа се уште претставува голема табу тема. Секако дека претставите кои ги отвораат прашањата за човековите права (не само женските права) одамна требаше да ни бидат на дневен ред. Публиката оваа претстава ја прифати многу добро, луѓето ја следат приказната за Нора со голем интерес. Начинот на кој режисерката Нела Витошевиќ феноменално ја постави режијата придонесе широка расправа за женските права во словенечкото општество. Се одржаа бројни дискусии, тркалезни маси и панели.
ТРН: Колку ти се пронајде во главниот лик и дали Нора го одразува она што ти си приватно?
Ајда: Пред се, во процесот на работа се обидов да го одржам срцето отворено и ликот на Нора да не го осудувам на каков било начин. Затоа што секогаш прва асоцијација, кога ќе дознаеш дека ќе ја играш Нора е тоа дека таа е жена која ги остава своите деца. Притоа, никој не се прашува како до тоа воопшто дошло и какви околности довеле до таква одлука кај неа. Тоа што сум јас приватно не произлегува од приказната за Нора, но секако дека морав како актерка да пронајдам начин како да ја оживеам на сцената, односно како од хартија да го пренесам ликот на даските.
ТРН: Што ти беше најтешко додека ја подготвуваше улогата и дали си поставуваше некои прашања чии одговори се уште ги немаш пронајдено?
Ајда: Ќе си дозволам малку поинаку да одговорам на ова прашање. Живееме во свет во кој секојдневно агресивно не напаѓаат секакви ставови. Сведоци сме дека многу брзо и осудуваме. Неколку наслови на интернет се доволни да создадеме некакво мислење и лесно се губиме во поплавата од различни вести. Веќе не сме во состојба да се сослушаме себеси за да не бидеме постојано под влијание на туѓите мислења. И токму тоа ѝ се случува и на Нора. Таа прво требаше да го послуша својот татко, па дури потоа својот сопруг. Иако е вистина, дека за многу работи виновно е машкото општество, сепак не смееме со прстот да покажуваме исклучиво кон нив. Се уште живееме во патријархален свет, но одговорноста за тоа ја носиме сите во општеството. Најважниот одговор, кој го научив во процесот на работа во оваа силно актуелна драма на Ибзен, дека треба да се слушаш себеси, да делуваш според своите вредности, своите ставови и да преземеш одговорност за своите постапки.
ТРН: Во кои претстави си имала улоги во последните години и каде ја сместуваш „Нора“?
Ајда: Имав среќа во мојата кариера да играм силни женски ликови, бунтовнички, неконвенционални жени… тоа ме доведе во ситуација многу да размислувам за актерската работа. Но, и за други бројни задоволства во занаетот. Во претходните театарски сезони ја играв Настасија Филиповна во делото „Идиот“ на Достоевски, Електра по текст на Зине Харис, улогата на Џес во текстот „Спаркс“ на Симон Лонгман, Хелена во делото „Сонот на летната ноќ“, Наташа во претставата „Војна и мир“ на Толстој, Маргот Хонекер во текстот „Таква сум како вас, сакам јаболка“ на Терезија Валзер.
ТРН: Што според тебе е најважното кое Нора го истакнува на сцената?
Ајда: Нора денес не опоменува дека човековите права и правата на жените не може да се сметаат дека се освоени, туку за нив мораме да се бориме секој ден, одново и одново. Жените во нашето опкружување се уште немаат право на одлука за абортусот, дури и кога е во прашање здравјето на ембрионот.
ТРН: Ако претпоставиме дека сите сме еднакви во општеството тогаш ќе немаше вакви претстави, а театарот ќе беше посиромашен…
Ајда: И ако светот беше поубав и поправеден, сигурна сум дека театарот секогаш ќе наоѓа теми интересни за човештвото.
ТРН: Колку беше важна режисерката Нела Витошевиќ за целиот производ и дали таа го изнесе пред публиката сето тоа што беше потребно?
Ајда: Нела, не е само феноменална режисерка, туку е прекрасна личност со големо срце, отворена за комуникација и подготвена да се соочи со различни ставови. Проектот го започна многу подготвена, дури знаеше на памет реплики на словенечки, а комунициравме на англиски, германски, српски и по пат на гестикулација. Но на крајот се согласувам дека успеа да извади буквално се. Доказ за тоа се силните реакции на публиката, затоа што секогаш доживуваме силни овации додека публиката стои на крајот од претставата, што во Словенија не се гледа често. Се надевам дека во Македонија го почитувате нејзиниот талент, а ние само може да посакуваме повторно да работиме со неа.
ТРН: Ти си млада, но сепак искусна. Додека пребарувавме на интернет не знаевме што побрзо да прочитаме, има бројни филмови, серии, театарски претстави. Која е впрочем вистинската Ајда?
Ајда: Јас во секоја улога давам и дел од себе и мислам дека Ајда во однос на улогите што ги игра е многу неинтересна личност, хахаха. Навистина ми е тешко да зборувам за себе и затоа секогаш оставам тоа да го прави мојата работа.
ТРН: Каде се чувствуваш посигурно – во театар, на филм или серија и кога би имала три понуди истовремено која би ја избрала?
Ајда: Проектите ги бирам исклучиво врз основа на приказната и пораката. Дали тие ќе искомуницираат со публиката и затоа никогаш не сум врзната за театар, филм или телевизија. Ќе ви напоменам дека работам и на радио емисии и на цртани филмови.
ТРН: Кои ти се плановите за во иднина или вие актерите играте по туѓи планови?
Ајда: Во моментов работам на претставата „Пукнатина“ од Луси Кирквуд, многу познат драматург од Англија, а потоа следи „Како ви е арно, така“ од Шекспир. Имам и други договори, што значи ме очекува уште една возбудлива сезона.
Фотографии: Петер Џодани