Одржан настан со европски пораки во Скопје: грижата за иднината започнува од почвите!

На 15.05.2023 во EU House – Скопје се одржа настанот NATI00NS „Здрава почва+зелени бизниси = инвестиции во нашата иднина“ кој ја стави и Македонија на мапата на 43 држави каде се спроведува овој проект

NATI00NS е европски проект финансиран во рамките на програмата HORIZON, координиран од Универзитетот Архус од Данска. Главната цел на NATI00NS е да допре до и да ги подготви регионалните и националните чинители од Европа да аплицираат и да имплементираат т.н Живи лаборатории (Living Labs), придонесувајќи за мисијата на ЕУ „Договор за почвата во Европа“.

Настанот во Скопје беше во организација на АРНО и Земјоделски институт – Скопје, со поддршка на БиоСенс Институт од Србија. Со поздравен говор на присутните се обратија  г. Трајко Димковски од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Ирина Јаневска од АРНО и Марија Ѓошева Ковачевиќ од Земјоделски Институт – Скопје. По поздравните говори, преставничката од Институтот BioSense од Србија  го престави проектот Nati00Ns и со тоа се даде поширок контекст како и зошто се случува иницијативата во вкупно 43 држави. Присутните се информираа за концептите на живи лаборатории и светилници на знаење и грантовите поддршки наменети за нивно функционирање.

„Живите лаборатории се иницијативи за соработка за заедничко градење на знаење и иновации. Тие се  дефинираат како трансдисциплинарни екосистеми за истражување и иновации фокусирани на корисникот, и вклучуваат повеќе релевантни партнери “ изјави Дајана Вујаклија од БиоСенс Институт.

Во делот на можности за поддршка се споделија информации за тековниот натпревар за зелени идеи на АРНО, отворен до 21-ви мај, како и информации за тековниот повик за поддршка на фондацијата Преда плус.

Локализација на темата се даде преку панел-дискусијата во моја учествуваа претставници од академската заедница (Душко Мукаетов од Земјоделскиот институт – Скопје и Кирил Сотировски од Факултет за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“), претставничка од Македонско еколошко друштво (Робертина Брајановска), Димитар Самарџиев – говорник од здружението „Зелената Арка“ и општествената градина „Бостание“ и Дејан Стојановиќ од социјалното претпријатие „ИнВиво“, кој зборуваше за биохумусот и вработувањето на лица со помалку можности.

Настанот заврши со заклучоци дека почвата како природен ресурс има природни, економски и општествени вредности и најважната порака која се упати е дека управувањето и грижата за почвите треба да е одговорност на научните, образовните институции, земјоделците, владините, невладините, граѓаните, и сите останати засегнати страни.

Најново

Последни колумни