Во кривичниот суд во Скопје денеска се одржа ново рочиште за случајот против Стојанче Јовановски кој е обвинет по три точки за трагедијата кога неговата сопруга Ивана заедно со ќерката Катја скокна од балконот од станот каде живееја.
По завршните зборови, обвинителката Адела Бојчевиќ побара од Судот да изрече максимална казна за Стојанче Јовановски.
Јовановски се гони по три кривични дела и тоа телесна повреда, загрозување на сигурноста и наведување на самоубиство и ако биде пронајден виновен по сите три точки тогаш ќе се соочи со казна затвор од над 10 години.
Пред судот, обвинителката истакна дека насилството не било изолиран инцидент, туку долготраен процес на уништување на личноста.
Во завршните зборови, обвинителството потенцираше дека Стојанче Јовановски е свесен за своите постапки и дека неговите карактеристики – љубомора, посесивност и манипулативност – биле пресудни за трагичниот крај.
“Максималната казна се бара со цел да се испрати јасна порака дека психичкото и физичкото насилство во семејството не смее да се толерира и дека институциите мора да ги заштитат жртвите пред да биде предоцна“ рекоа од Обвинителството.