Обрачот околу Иран се затега, а цената може да ја плати целиот свет

Обрачот околу Иран се зајакнува со американски бази околу целиот регион, а најголем ризик за светската економија е тесниот Ормутскиот теснец

Додека регионот на Блискиот Исток врие, а военото присуство на САД и Израел го достигнува својот врв, аналитичарите ја анализираат картата на американските бази во регионот, односот на силите и ја набљудуваатточката што најдиректно и најбрзо би можела да се одрази врз економијата– Ормускиот Теснец.

Погледот кон картата на Блискиот Исток открива речиси целосен воен обрач околу Иран, кој не настанал преку ноќ, туку е резултат на децениска американска стратегија за обезбедување на енергетските рути и заштита на Израел. Од запад тоа е Ирак, каде што САД и понатаму управуваат со клучна инфраструктура; јужно е Јордан, како долгогодишен безбедносен партнер, додека Кувајт служи како логистичка база. Катар е домаќин на базата Ал Удеид, најголемиот команден центар, додека во Бахреин се наоѓа седиштето на моќната Петта флота, а во Обединетите Арапски Емирати – воздухопловната база Ал Дафра.

Американските сили во регионот бројат околу педесет илјади војници, што, заедно со присуството на нуклеарни носачи на авиони како „Абрахам Линколн“ и „Џералд Р. Форд“, претставува разорна моќ за воздушни напади и контрола на морето.

Додека Иран се потпира на асиметрично војување и мрежа на прокси-сили како Хезболах и Хутите, Израел ја користи својата технолошка доминација, вклучително и стелт-ловци од петтата генерација и повеќеслоен одбранбен штит. Со години иранските ракети „Шахаб“ и „Сеџил“ служеа како средство за одвраќање, бидејќи целиот Израел се наоѓа во нивен дострел, но таа логика сега е на работ на распад.

Израел за одбрана издвојува повеќе од дваесет и три милијарди долари, додека Иран нешто помалку од седум милијарди, па иако Техеран располага со поголема активна војска, Израел се потпира на прецизноста и апсолутната поддршка од Вашингтон.

Судирот меѓу Израел и Иран никогаш не може да биде изолиран инцидент, бидејќи регионот претставува сложена безбедносна сложувалка во која секоја ескалација активира домино-ефект што ги вклучува Египет, Турција и Саудиска Арабија.

Историските трауми од Иранско-ирачката војна до разурнувањата во Сирија и Газа, потсетуваат дека Блискиот Исток со децении живее во циклуси на насилство, а секоја нова ескалација се заканува да ги надмине последиците од нападот врз Ирак во 2003 година, кој поттикна бранови миграции кон Европа.

Најголемиот страв на глобалната економија останува Ормускиот Теснец, низ кој поминуваат речиси дваесет проценти од светската потрошувачка на нафта, па секое нарушување во тој тесен премин би значело моментален скок на цените на горивата и инфлаторен притисок во економијата.

Извор N1

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни