Меѓу објавените материјали се наоѓаат три мејла што Епштајн ги испратил во периодот од 2011 до 2019 година. Во еден од нив, испратен до долгогодишната соработничка Гислејн Максвел, тој го споменува Трамп, опишувајќи го како „пес кој сè уште не залајал“. Во друг мејл, упатен до новинарот и писател Мајкл Волф, Епштајн тврди дека Трамп „знаел за девојките бидејќи ја замолил Гислејн да престане“.
Особено внимание привлече комуникацијата што, според извештаите, се одвивала меѓу Епштајн и новинар на CNN во 2016 година, непосредно пред претседателските избори. Во пораката, новинарот наводно прашува: „Дали си заинтересиран да го докрајчиме Трамп?“ — прашање што во јавноста предизвика лавина реакции и нови шпекулации за можни медиумски и политички влијанија.
Документите се дел од поширок пакет од над 20.000 страници материјали што ги достави имотот на Епштајн до Конгресот, по барање на Одборот за надзор на Претставничкиот дом. Тие содржат преписки, белешки и лични комуникации што датираат од почетокот на 2000-тите години до смртта на Епштајн во 2019 година.
Од Белата куќа реагираа дека мејловите биле „селективно објавени со цел да се создаде лажна нарација и политичка штета“.
Ова не е првпат името на Доналд Трамп да се појави во контекст на аферата со Епштајн. Иако нема докази дека двајцата имале деловна или криминална врска, нивното познанство во 1990-тите години е документирано преку фотографии и јавни настапи.
Истрагата за содржината на објавените мејлови продолжува, а конгресните истражители најавија дополнителни седници за разгледување на материјалите во наредните недели.
Извор:BBC
