За сите три лица е побарана мерка притвор поради опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци и можност да продолжат да го повторуваат делото. Сите тројца вршеле дејност – откуп на старо железо, метални производи, стари акумулатори и други обоени метали на импровизирани пунктови – отпади на предметната локација, без означена фирма, без да регистрираат правно лице и без да поседуваат соодветна дозвола.
-Со координирани дејствија на Основното јавно обвинителство Скопје и Министерството за внатрешни работи во изминатите два дена и извршени претреси на локацијата Вардариште по наредба на судија на претходна постапка, обезбедени се докази кои даваат основано сомнение дека три лица сториле кривично дело – Загрозување на животната средина и природата со отпад од член 230 став 1 од Кривичниот законик. Основното јавно обвинителство Скопје денеска поведе истрага и предложи на тројцата да им биде определена мерка притвор поради опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци и можност да продолжат да го повторуваат делото, велат од Републичкото јавно обвинителство.
Осомничените, подолг временски период се до 2 септември на ул.„Зендел Џемаил“ бб во Скопје, создале депонија спротивно на прописите за заштита на животната средина, со која можеле да предизвикаат значително оштетување на квалитетот на почвата, воздухот или водата и да предизвикаат опасност за животот или здравјето на луѓето.
-Сите тројца вршеле дејност – откуп на старо железо, метални производи, стари акумулатори и други обоени метали на импровизирани пунктови – отпади на предметната локација, без означена фирма, без да регистрираат правно лице и без да поседуваат соодветна дозвола за вршење на дејност за управување со отпад која согласно закон ја издава Министерството за животна средина и просторно планирање, се вели во соопштението од Обвинителството.
Согласно обезбедените докази, велат од Обвинителството, постои основано сомнение дека осомничените вршеле оставање, фрлање и непрописно транспортирање на отпад, создале диви депонии спротивно на прописите за заштита на животна средина, со што влијаеле на квалитетот на почвата и воздухот, но и предизвикале опасност по животот и здравјето на луѓето.