Нола Исмајлоска-Старова: Иницијативите Отворен Балкан и Берлински процес се комплетирани и успешни

Постигнатите договори во Отворен Балкан, покажаа дека регионот има способност за соработка, што овозможи Берлинскиот процес да се врати уште посилен

Иако постојат дискусии за односот помеѓу иницијативите Отворен Балкан и Берлински процес, Нола Исмајлоска-Старова, која до неодамна беше вклучена во иницијативата Отворен Балкан, а сега е претставничка на Српската стопанска комора во Македонија, во поткастот „Каде се парите?“ тврди дека, напротив, иницијативите се комплементарни.

„Знам дека во јавноста постои верување како да се непријатели Отворен Балкан и Берлински процес но целосно нема да се сложам. Баш процесите се многу комплементарни и во еден период кога Берлинскиот процес беше како во некое мирување тогаш и се појави идејата за Отворен Балкан“ рече Исмајлоска-Старова.

Таа додаде дека токму постигнатите договори во Отворен Балкан, покажаа дека регионот има способност за соработка, што овозможи Берлинскиот процес да се врати уште посилен.

Исмајлоска-Старова додаде дека во рамките на иницијативата Отворен Балкан веќе има договор за признавање на дипломите меѓу трите држави, убрзан е многу процесот за нострификации и признавање, а сличен договор беше понатаму потпишан во Берлински процес и дополнително за признавање на некои струки, нешто на кое се работело и во Отворен Балкан.

„Отворен Балкан е секако поддржан од САД, но беше инцицијативата направена од тогашниот премиер Зоран Заев, Александар Вучиќ и Еди Рама, ако не се лажам во Нови Сад. Оваа иницијатива навистина добро прифатена и од општесството и можеби баш реакцијата на општеството покажа дека сакаат некогаш да имаме и сопствени иницијативи“ рече Исмајлоска-Старова.

Таа го поздрави учеството на актуелната влада на винскиот саем и изрази уверување дека тоа што е започнато во рамките на иницијативата нема да застане, бидејќи носи позитивен ефект за општеството, не само во економски бројки.

„Проектот е доста популарен и меѓу граѓаните што покажува дека има задоволство од мерките кои што сме успеале да ги завршиме во претходните 2-3 години“ рече таа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни