„Ова не е државна институција. Државата сме ние! Ни ги зедовте децата, ни го убивте животот во нас!“, порача со солзи и револт Владимир Апостолов, градежен инженер и еден од говорниците на протестот.
Апостолов јавно ги посочи институциите и одговорните за трагедијата, обвинувајќи ги за криминал, неказнивост и директна одговорност за смртта на младите. Особено се осврна на Јавното обвинителство, кое, според него, ниту еднаш не реагирало на допрен глас ниту презело конкретни чекори.

„Кој ќе го уапси Љупчо Коцевски? Кој ќе го уапси јавниот обвинител? Каде се уапсените директори, министри, началници?“, праша Апостолов пред зградата на обвинителството, додека роднините држеа фотографии од своите деца.
Во говорот беа посочени и низа поранешни и актуелни функционери, меѓу кои и министри за внатрешни работи, за економија и претставници на инспекциските служби, за кои родителите тврдат дека се директно одговорни за системските пропусти и трагичниот настан.
Посочен беше и случајот со легализираната дивоградба од 1999 година, која, без пренамена, била користена како угостителски објект – токму местото каде животите ги загубија младите од Кочани.

„Ги повикувам и сите наши браќа Албанци да ни се придружат со Куранот во рака, ова е наднационална болка – ова е болка на сите мајки“, рече Апостолов.
Протестниот марш, иако мирен, беше полн со емоции, пораки и имиња – јавно изговорени со надеж за правда. Родителите порачаа дека нема да запрат, додека не се донесе правда за нивните деца, а одговорните не бидат изведени пред лице на правдата.