Продолжуваат судирите на Блискиот Исток. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека Израел ќе продолжи со силни напади врз Иран, како што и претходно најави. Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека од почетокот на конфликтот во Иран се регистрирани повеќе од 3.300 загинати, над 30.000 повредени и повеќе од 4,3 милиони раселени лица, како и 116 напади врз здравствени установи.
Во меѓувреме, иранскиот генерал-мајор Али Абдолахи упати остра порака до американскиот претседател Доналд Трамп, предупредувајќи дека „вратите на пеколот“ ги чекаат агресорите и дека Иран ќе ја уништи американската и израелската инфраструктура во случај на напад.
Трамп, пак, објави видео на својата платформа Truth Social, тврдејќи дека при „масивен напад“ во Техеран биле убиени бројни ирански воени лидери. Тој повторно предупреди дека Иран има рок од 48 часа да постигне договор или да го отвори Ормускиот теснец.
Иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи предупреди дека нападите на САД и Израел врз нуклеарните објекти може да предизвикаат радијациска контаминација во регионот. Во писмо до генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш и до Меѓународната агенција за атомска енергија, тој нагласи дека последиците по здравјето и животната средина би можеле да бидат сериозни.
Според иранските власти, во нападите била погодена и нуклеарната електрана Бушер, при што загинал еден работник, но нема зголемено ниво на радијација. Во исто време, генералниот директор на Росатом, Алексеј Лихачов, предупреди дека ризикот од нуклеарен инцидент расте од ден на ден, додавајќи дека речиси 200 руски експерти се евакуирани од Бушер.
Иранските сили, според извештаите, собориле американски авиони, а во тек е потрага по исчезнат пилот. Паралелно, ирански проектили погодиле централни делови на Израел, додека светите места во Ерусалим остануваат затворени. Регионалната директорка на СЗО за источниот Медитеран, Ханан Балки, истакна дека хуманитарната состојба драматично се влошува, со милиони раселени и сериозни закани за здравствениот систем.
Тензиите дополнително растат поради можноста за затворање на Ормускиот теснец – клучна точка за глобалниот транспорт на нафта, што би можело да предизвика нов енергетски шок на светско ниво.