“Полицијата уапсила 19 македонски државјани и еден државјанин на Грција, на музички фестивал во Дојран, а кај нив била најдена разновидна дрога. Од МВР не соопштија каков вид и колкаво количество дрога било запленето од уапсените.”
Оваа е само една од информациите кои се почесто ги среќаваме во македонските медиуми, а се однесуваат на полициски акции за време на музички настани – фестивали, концерти, журки и слично кои се случуваат во нашата земја . Настани на кои што младите луѓе конечно после тригодишната забрана поради епидемијата можат да уживаат и да се релаксираат. Арно ама некому во државата очигледно му пречи да има задоволна младина. Како да тренира строгост токму врз нив и притоа да не го почитува законот. Во една претходна колумна веќе пишував дека во февруари оваа година беше променет Кривичниот законик со цел јасна примена на одредбата според која нема да се казнува поседувањето на дроги заради лична употреба .
Промената во законот е следна. Во член 215 се додава нов став , кој гласи: „ Нема да се казни тој што поседува наркотични дроги и психотропни супстанции за лична употреба.“
Ова измена треба да овозможи да се промени судската пракса и конечно луѓето кои поседуваат дроги вклучително и канабис за лична употреба да не бидат кривично казнувани.
Но МВР очигледно не го почитува овој закон . Ако се погледнат дневните билтени на МВР само за месец јуни ќе видиме дека за тој месец лишени од слобода се дури 154 лица кај кои биле пронајдени психотропни супстанци а за 43 од нив е поднесена кривична пријава според член 215 од кривичниот законик – неовластено производство и пуштање во промет на психотропни супстанци. Ова значи дека речиси за секое трето лице кај кого било пронајдена супстанца тие го обвинуваат дека продава дрога. Или со други зборови ако во државата имаме околу 30.000 луѓе кои употребуваат психоактивни супстанци речиси 10.000 од нив треба да бидат дилери. Ваков сооднос не постои никаде во светот. Очигледно е дека МВР води војна против младината која повремено решила да употреби некоја супстанца. Во официјалниот билтен на МВР не е специфицирана количината на запленетите супстанци кај никој од лицата кои се лишени од слобода. Во 99% е запленета само супстанца најчесто марихуана што не е доволен доказ за тоа дека уапсените лица се дилери односно дека продаваат дрога.
Понатаму во соопштенијата на МВР најчесто стои дека “Овие зајакнати контроли, покрај соодветно санкционирање на овој тип кривични дела, имаат за цел и превенирање на недозволената продажба и употреба на наркотични средства меѓу младите, како најчести посетители на ваков тип музички манифестации.”
Ова е огромна манипилација затоа што превенцијата на употребата на дрога не се постигнува со интервенции на полицијата и апсење на младите туку со превентивни активности како што се едукацијата, точното информирање и јакнење на личноста на младиот човек да донесува соодветни и разумни одлуки. Тоа се активности за превенција кои може да се најдат во секој современ учебник за зависности од дроги како и во нашата Национална стратегија за дроги 2021-2025 година.
Би сакал да го споделам искуството на холандската полиција и како таа го променила ставот и стратегијата кон младите кои ги посетуваат музичките настани.
Пресвртна точка во однесувањето на полицијата е Холандскиот поп-фестивал (Holland Pop festival), холандски одговор на англискиот Фестивал во Вудсток (Woodstock festival), кој се одржал во Ротердам, во јуни 1970 година. За овој прв голем музички фестивал на отворено градоначалникот на Ротердам и началникот на полицијата решаваат да не го применуваат законот во целост, односно само да набљудуваат што се случува, а не да интервенираат и да ги апсат сите кои употребуваат психоактивни супстанци – во тоа време најчесто канабис.
На овој начин, тие увидуваат дека е можно луѓето да употребуваат дроги без да предизвикаат значителни проблеми за себе и за јавниот мир. Отсуството на полициско апсење на овој фестивал, на некој начин станува модел за потолерантен однос кон употребата на психоактивни супстанции, пред сѐ, на канабис. Следствено и државните авторитети стануваат потолерантни кон употребата на канабисот а полицијата своите тимови ги насочува кон организираното производство и продажба на дрогата. Значи холандската полиција ова го заклучила пред 53 години.
Примерот на Холандија да не ги малтретира луѓето на музички настани е следен од поголем број на демократски земји. Немалтретирањето на луѓето кои дошле на музички настани за да се забавуваат е цивилизациска придобивка постара од 50 години. Придобивка за која што надлежните во Македонија се уште не чуле. Ама не треба да ни е чудно , тие не слушнале дека и нашиот закон кој не го почитуваат е сменет пред шест месеци.