Последната можност да се избегне војна со Иран, според NBC News, била во четвртокот во Женева, каде што претставници на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп им порачаа на иранските делегати дека не смеат да преземаат чекори неопходни за развој на нуклеарна бомба.
Состанокот, според американски извори, не поминал добро.
Што се случило на средбата во Женева?
Американската делегација инсистирала Иран во следните десет години да не збогатува ураниум.
Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аргачи, одговорил дека Иран има „неотуѓиво право“ на збогатување ураниум.
На тоа,Стив Виткоф член на американската делегација, возвратил дека и САД имаат „неотуѓиво право“ да го спречат тоа.
Според висок американски функционер кој зборувал под услов на анонимност, Арагчи потоа почнал да вика на Виткоф. На средбата присуствувал и Џаред Кушнер зет на Трамп.
Виткоф наводно одговорил: „Ако сакате, можам да заминам“, по што американската делегација го информирала Трамп за текот на разговорите. Според изворот, претседателот не бил вознемирен од случувањата.
Трамп: „Не беа подготвени да се откажат“
Откако преговорите пропаднале, САД влегоа во воен конфликт. Трамп во кратко телефонско интервју изјавил дека одлуката за напад била донесена бидејќи Иран не бил подготвен да го запре нуклеарното истражување ниту да се откаже од можноста за нуклеарно оружје.
Иако во минатото ја градеше политичката кариера на ветувањето дека ќе ги избегнува „бесмислените и бескрајни војни“, Трамп повеќепати нагласил дека нема да дозволи Иран да дојде до нуклеарно оружје.
Стравувања од долгорочен конфликт
Според NBC News, исходот од војната може трајно да го преобликува Блискиот Исток. Се прават паралели со политиката на поранешниот претседател Џорџ Буш, чии војни во регионот оставија сериозни последици и илјадници жртви.
Поранешниот советник за национална безбедност Џон Болтон предупреди дека кратки и ограничени напади можеби нема да бидат доволни за трајно решение или промена на режимот во Техеран.
Воена подготовка и економски притисок
Дипломатските напори се одвивале паралелно со засилено американско воено присуство во регионот, вклучително и испраќање на носачот на авиони USS Gerald R. Ford кон Блискиот Исток.
Американскиот министер за финансии Скот Басент признал дека Вашингтон намерно извршил економски притисок врз Иран, предизвикувајќи недостиг на долари и раст на инфлацијата.
Нападот следен од Флорида
Нападот врз Иран бил следен од Флорида, каде што Трамп престојувал во Мар-а-Лаго заедно со државниот секретар Марко Рубио и шефицата на кабинетот Сузи Вајлс.
Експлозии одекнале во Техеран, погодени биле стотици цели, а во Израел се огласиле сирени за воздушна опасност. Иранскиот противнапад во Кувајт убил четворица американски војници.
Трамп предупреди дека можни се уште жртви: „За жал, веројатно ќе има уште пред сè да заврши. Таква е реалноста“, изјавил тој.