Деветнаесетгодишен напаѓач повреди 16 лица во средно училиште во Турција, а претходно објавувал заканувачки пораки на социјалните мрежи.
Вооружениот напаѓач Омер Кет објавувал заканувачки пораки на социјалните мрежи неколку дена пред да изврши напад во средно училиште во Турција.
Деветнаесетгодишниот Омер Кет, кој денеска влезе во средното стручно и техничко училиште „Ахмет Којунџу“ во округот Сиверек со пушка и повреди 16 луѓе, потоа си го одзеде животот, објавувал заканувачки пораки на социјалните мрежи неколку дена пред инцидентот, објави турски „Милијет“.
Напаѓачот пред пукањето најавил:
„Подгответе се. За неколку дена ќе има напад во ова училиште“.
Телото на напаѓачот беше извадено од училиштето и пренесено во мртовечницата на Институтот за судска медицина во Шанлиурфа за обдукција.
Тој одби да се предаде на полицијата и изврши самоубиство.
По пријавите од очевидци, на местото на настанот биле испратени полициски и медицински екипи. Шеснаесет луѓе, меѓу кои и ученици, се повредени, додека напаѓачот се криел во училиштето.
Кога осомничениот одбил да се предаде и покрај предупредувањата од полицијата, во областа биле испратени и единици за специјални операции. Во меѓувреме, се дозна дека некои од повредените ученици скокнале од прозорци за да избегаат од вооружениот напад, а безбедносните сили соопштија дека повеќето од учениците во училиштето се евакуирани.
Во инцидентот се повредени 16 лица: четири наставници, 10 ученици, еден полицаец и еден работник во менза.
За среќа, немаше смртни случаи. Некои од повредените, чија здравствена состојба не била оценета како критична, биле префрлени во болници во центарот на градот. Во моментов, лекувањето на другите 12 повредени продолжува во Државната болница Сиверек, пишува „Милијет“.
Мотивот за пукањето сè уште не е познат.
Градоначалникот на Сиверек, Али Мурат Буџак, изјави дека инцидентот се случил на улицата каде што живее:
„Двајца од нашите наставници се во критична состојба. Младиот човек кој си го одзеде животот во инцидентот беше поранешен ученик на училиштето. Тоа беше ученик чија врска со училиштето беше прекината“, рече тој.