Независниот академски синдикат (НАкС) испрати забелешки до Министерството за образование за трите нацрт-закони, предупредувајќи дека дел од нив се игнорирани. Според синдикатот, предложените решенија оставаат простор за политички влијанија и ја загрозуваат автономијата на универзитетите.
Независниот академски синдикат (НАкС) соопшти дека доставил серија забелешки до Министерството за образование и наука (МОН) за трите нацрт-закони – за високо образование, за квалитет во високото образование и за научноистражувачка дејност. Според нив, дел од забелешките биле игнорирани, а суштинските решенија останале непроменети.
Од синдикатот оценуваат дека пакетот закони носи сериозен ризик за универзитетската автономија. Тие укажуваат дека се одземаат надлежности од независните тела и се префрлаат кон МОН, што според нив отвора простор за влијание врз кадровските политики и финансиското работење на универзитетите.
НАкС предупредува и на зголемена централизација, при што дел од надлежностите на сенатите и наставно-научните совети се префрлаат на ректорите и деканите. Дополнително, се укинуваат одредби за тајни избори на претставници, што може да го засили влијанието на раководните структури.
Во новиот Закон за високо образование, Советот на универзитетите треба да одлучува за инвестициите и развојот, наместо Сенатот. Бидејќи во ова тело има претставници на извршната власт, синдикатот предупредува дека тоа создава можност за политички притисоци.
Синдикатот укажува дека новите услови за избор во научни звања не се прилагодени на различни научни области и се тешко достижни, особено за младите истражувачи. Посебно го критикуваат користењето на h-индексот како критериум, кој не се применува во повеќе соседни земји.
Во делот за научноистражувачката дејност, НАкС посочува дека не е предвидено континуирано и стратешко финансирање. Предлагаат формирање независен Фонд за наука со транспарентен процес и стабилен буџет, кој би обезбедил услови за развој на научната работа.
Од НАкС бараат да се продолжи јавната дискусија за законите, предупредувајќи дека во сегашната форма тие нема да го подобрат квалитетот, туку ќе создадат тешко одржливи услови и ќе го зголемат политичкото влијание врз универзитетите.