Нафтата на светските берзи скокна на 116 долари за барел: Денеска се одлучува дали горивата ќе поскапат

Регулаторната комисија за енергетика денеска ќе ги објави новите максимални цени што ќе важат од утре. Суровата нафта бележи неделен раст од околу шест проценти.

Граѓаните денеска ќе дознаат дали од утре ќе плаќаат поскапо гориво. Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) треба да ја објави новата одлука за максималните малопродажни цени, која ќе важи во следните седум дена.

Одлуката се носи во период кога цената на суровата нафта на светските берзи достигна 116 долари за барел, што претставува раст од околу шест проценти за една недела.

При пресметувањето на цените на горивата, РКЕ ги зема предвид референтните цени на нафтените деривати на меѓународните пазари, курсот на американскиот долар и другите параметри утврдени со регулаторната методологија.

Со последната одлука на Комисијата, бензините поевтинија за 2,50 денари за литар, додека дизелот поскапе за два денари.

Според актуелните максимални малопродажни цени, литар Еуросупер БС-95 чини 96 денари, Еуросупер БС-98 се продава за 98 денари, а Еуродизелот за 99 денари. Цената на екстра лесното масло за домаќинство изнесува 110,50 денари за литар.


Новите цени ќе покажат дали растот на нафтата на меѓународните пазари ќе се одрази и врз трошоците за гориво во земјава.

е-Трн да боцка во твојот инбокс