Трн: А, Е, И, О, У – зошто е новата трака „Е“?
Горан Кан: Рипнав А, многу ми беше некако на прва.
Трн: Од спотот, музиката или видеото?
Горан Кан: Музиката, зашто јас ја направив.
Трн: Звукот во „Е“ е помек, помелодичен, дали тоа си новиот ти или е нешто друго?
Горан Кан: Искрено, мене овој звук, кога пуштам, ми е околу пикот. Конкретно со „Е“ пробувам да го доближам, не толку агресивното техно, до поширока публика.. Верувам дека сум уште стариот јас, генерално.
Трн: Кој револт го искажуваш преку „Е“?
Горан Кан: Преку „Е“ искажувам љубов. Па нели вика.. Да ме e е е е е… ха ха ха…
Трн: Низ траката се провлекува забавно- комичен текст на Клаберот, но сепак реален, зошто е избрано тоа и која му е функцијата?
Горан Кан: Од секогаш сум сакал да направам нешто со Клаберот, и ете… Функцијата е да придонесе при креирање на чувство дека Тино е во loop.
Трн: Зошто малку спотови правите вие диџеите?
Горан Кан: Има спотови, не знам. Ако нема, се надевам овој спот ќе ги инспирира, инаку да, треба да си правиме спотови.
Трн: Како статисти во спотот се појавуваат диџеи од електронската сцена во Скопје, зошто Флудер, Бодан, Кате, Васо и Чваре?
Горан Кан: Паааа… они всушност имаат и улоги. Пробав да стапам во контакт за ова со Carl Cox, Boris Brejcha, Eric Prydz и Chemical Brothers… ама не успеав да ги договорам, па си ги викнав другарите…
Трн: Колку изданија имаш ти, спотови, траки, албуми?
Горан Кан: Уф, не знам.. Имав своја издавачка куќа, таму имав неколку изданија и албум. Првата плоча ми беше издадена 2004 година, па до сега, околу 10-15 изданија, и уште два албума за PMG, па музика за неколку филмови (ако се смета и тоа), имам и ремикси правено… Стварно не знам, имам доста. Инаку, ова ми е прво видео за моја ствар.
Трн: Како живее електронската сцена во Скопје, се негува ли уште вистинскиот клабинг?
Горан Кан: Различно е од порано, сменет е клабингот од повеќе причини. Секогаш ќе има места кај што се негува вистински клабинг, некогаш повеќе, некогаш помалце… Но што е вистински клабинг? Денес више не постои underground, така да све е клабинг ако ме прашаш мене… каде меко, каде тврдо…
Трн: Зошто музика за клубови, а не музика за кафани?
Горан Кан: Зошто не кафани? Таму многу алкохол има, не чепкај..
Трн: Ако требаше да запееш која песна ти лежи на срце?
Горан Кан: На срцево имам тетовирано од Трифун Костовски… дека на срце.
Трн: Во кој филмски жанр би го ставил твоето музичко творештво?
Горан Кан: Ако збориме за техното, хммм… во хорор. Затоа што техно не е за п**ки…
Трн: Ако не беше денес тука, во која епоха ќе живееше и дали и таму ќе беше диџеј?
Горан Кан: Ренесанса. Се сомневам дека ќе бев диџеј.
Трн: Со кој продуцент сакаш да издадеш трака?
Горан Кан: Искрено немам посебна желба да направам нешто со некој продуцент. Попрво би со некој бенд или рапер што нема врска со електроника, па да се добие нешто забегано.
Трн: Друго, за крај?
Горан Кан: Прашањава ме дочекаа ден после промоција, и така малку сум изморен, а не ми работат копчињата Н, Ѓ и Б на тастатурата и морав да ги копирам цело време… Ете, тоа е друго. Фала…