Младите и психоактивните супстанци

Во медиумите и во јавниот говор присутен е ставот дека младите во Македонија често употребуваат дроги. Но ретко се зборува за употребата на другите психоактивни супстанци пред се на алкохолот. Во Македонија се спроведуваат повремени, не така чести истражувања за да се утврди колкав е процентот на младите кои користат психоактивни супстанци. Последното вакво истражување го направи здружението ХОПС- Опции за здрав живот Скопје кое од 1999 година работи  во областа на психоиактивните супстанци и кое  еве веќе 25 години преку сопствени центри и програми им помага на луѓето кои употребуваат психоактивни супстанци. Ова истражување  е спроведено онлајн во период од една недела и вкупно 119 испитаници на возрaст од 18 до 35 години зеле учество.  Ајде да ги видиме резултатите од истражувањето

Од 119 испитаници 59 или речиси 50 % рекле дека при ноќните излегувања редовно употребуваат психоактивни супстанци, од нив 75 %  тоа го направиле во последниот месец а само 2 од нив или 3,4 % пред повеќе од 12 месеци.

Најупотребувана супстанца е алкохолот,  89,8%  или 53 испитаници  од оние кои рекле дека  употребиле супстанци во последниот месец употребиле алкохол при ноќните излегувања (44,5 % од вкупниот број на испитаници), канабис употребиле 71 % или 42 испитаници ( 35,3 % од вкупниот број на испитаници), кокаин во последниот месец користеле 29 испитаници или 49,15 %,(24,3 % од вкупниот број на испитаници), МДМА (екстази) во последниот месец користеле 42,37% или 25 исоитаници, (21 % од вкупниот број на испитаници), амфетамини користеле 20 испитаници или  33,9% (16,8 % од вкупниот број на испитаници), и магични печурки 13, 5% односно 8 испитаници (6,7% од вкупниот број на испитаници). Останатите видови психоактивни супстанци користеле помалку од 10 % од испитаниците кои употребиле психоактивна супстанца во последниот месец .

 Најчест начин на употреба на психоактивните супстанци е орално со голтање односно пиење 91,5 % , а следуваат назално со шмркање и пушење 88% . Употребата на супстанцата со инјектирање која пред десетини години беше многу актуелна во Македонија кај овие испитаници  е исклучително ретка. Само 2 испитаници одговориле дека употребуваат супстанци со инјектирање.

28, 5% од вкупниот број на испитаници биле сведоци на предозирање или труење со психиоактивни супстанци што укажува дека бројот на предозирања  во Република Северна Македонија не е вооппшто мал.  

Испитаниците сметаат дека имаат добро познавање за супстанциите кои ги употребуваат, па дури 96,4 % од вкупниот број на испитаници (119) одговориле дека се запознаени со ризиците од употребата на психоактивни супстанции.  Сепак, и покрај тоа ризичното однесување поврзано со употребата на психоактивни супстанци е големо. Така, над 50 % од испитаниците кои употребуваат психоактивни супстанции при ноќните излегувања  зеле супстанца за која не биле сигурни што е тоа што го употребуваат .  45,7 % од испитаниците кои употребиле психоактивна супстанца одговориле дека го споделуваат приборот при употреба на психоактивните супстанци. Во зависност од видот на приборот кој го користат, ризикот од пренесување на инфекции може да биде поголем ако се споделува приборот за инјектирање и приборот за назална употреба на супстанцата. Уште позагрижувачки е дека дури 73% од оние кои употребуваат супстанци рекле дека ги мешаат психоактивните супстанци, односно во текот на ноќта употребуваат повеќе видови на психоактивни супстанции (алкохолот е речиси секогаш едната супстанца) што дополнително влијае на ризикот од предозирање или нарушување на здравствената состојба.

49 лица или 83 % од оние кои употребуваат психоактивни супстанции одговориле дека имале сексуални односи под дејство на психоактивни супстанци. Само 37, 8 %  редовно користеле  кондом при вагинален  сексуален однос, односно 46,8%  редовно користеле кондом при анален сексуален однос, а само 9 % редовно користат кондом при орален сексуален однос.

Ако прифатиме дека навистина испитаниците имаат познавања за ризикот од употребата на психоактивни супстанци како што одговориле 96,4% од нив, очигледно е дека постои голема разлика помеѓу  нивното познавање и однесувањето. Односно и покрај нивните познавања тие употребуваат психоактивните супстанци на прилично ризичен начин и под дејство на психоактивните супстанции се впуштаат во ризични односно незаштитени сексуални односи.

Авторот е истражувач, активист за човекови права, фотограф и магистер по социјална политика.

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни