По години чекање, стартува реконструкцијата: „Мирослав Крлежа“ станува пешачка улица

Дебар Маало добива пешачко-резиденцијална зона со ново осветлување, зеленило и уреден јавен простор

По речиси пет години најава и одложувања, конечно започна реконструкцијата на улицата „Мирослав Крлежа“ во Дебар Маало, која ќе биде пренаменета во пешачка и резиденцијална зона.

Проектот опфаќа површина од околу 6.000 квадратни метри, на потегот од булеварот „Партизански одреди“ до улицата „Никола Тримпаре“, а неговата цел е уредување на јавниот простор и воведување организиран резидентен паркинг. Околу 70 отсто од средствата се обезбедени од Светска банка, додека остатокот е од буџетот на Општина Центар.

„Станува збор за проект што се реализира по мерка на жителите. Долги години беше најавуван, но денес конечно се реализира на терен. Овој дел од Дебар Маало добива побезбеден и пофункционален јавен простор“, изјави градоначалникот Горан Герасимовски.

Во рамки на реконструкцијата се предвидува:

  • ново улично осветлување,
  • поставување урбана опрема (клупи, корпи за отпадоци),
  • целосна обнова на коловозот и тротоарите со гранитни и травертин плочи,
  • нова водоводна и атмосферска мрежа,
  • уредување на зеленилото и замена на исушените дрвја со нови садници.

Проектот е изработен во соработка со Архитектонскиот факултет, а идејата за пешачка улица за првпат беше најавена во 2021 година. Иако тогаш не беше реализирана, пренамената повторно влезе во Планот за развој 2025–2027, по што сега започна и нејзината реализација.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни