Миодраг Мајиќ: Пишувањето е еден вид судење, само што предметот е душата на општеството

„Србија денес е во целост киднапирано општество. Долго време се укажуваше на тоа, но се чини дека дури сега – и покрај целата пропагандна машинерија – свеста за тоа почнува да навлегува и кај поширокиот граѓански слој. Студентите одиграа клучна улога во тоа освестување, а власта беше затечена, бидејќи претходните механизми за измама и манипулација повеќе не функционираа. Нешто е сосема поинакво кога за студенти ќе кажеш дека се странски платеници и издајници. Повеќето граѓани имаат некој свој студент, и колку и да е силно медиумското влијание – тие почнаа да сфаќаат дека системот лаже. Како може да е платеник некој за кого секој месец родителите одвојуваат од уста за кирија и школарина? Сега е важно таа огромна енергија да се насочи кон вистински, суштински промени кои се повеќе од потребни“, изјави Миодраг Мајиќ, автор и судија од Србија, за читателите на Трн.мк.

Српскиот судија, писател и јавен интелектуалец Миодраг Мајиќ беше специјален гостин на штандот на издавачката куќа „Антолог“ на Саемот на книга во Скопје, каде се дружеше со читателите и потпишуваше книги. Мајиќ, познат по својот правичен и храбар став како и по своите книжевни дела, ни одговори на неколку прашања за улогата на правдата, литературата и иднината на општеството.

Трн: Вашите ликови често се соочуваат со системски неправди. Дали тие се фикција или дневник на еден судија кој сè гледа, но не секогаш може да делува?

Миодраг: Тие се главно мешавина од и двете. Се трудам, оживувајќи ги луѓето што ги среќавам и со чии судбини се запознавам, да создадам некои мета-ликови кои говорат во име на многу гласови што ја немаат таа можност – или едноставно не сметаат дека имаат што да кажат. Притоа, најмногу ме интересираат луѓето кои ги сметаме за губитници. Во секојдневието, но и во литературата, тие се далеку поинтересни и неспорно поискрени. Како што вели и познатата реченица на Толстој, „добрите“ или „успешните“ луѓе најчесто личат еден на друг. Самобендисани се и веруваат дека ги заслужиле наградите што им се доделени. Но нивната добивка многу често е платена со туѓа несреќа.

Трн: Како би изгледал еден систем на правда напишан од писатели, а не од законодавци? Дали би бил поправеден или само подобро раскажан?

Миодраг: Веројатно, на почетокот би бил и поправеден. Но, набргу, штом би ја почувствувале моќта на законодавците и управувачите, и писателите би станале владетели – и со тоа слични на овие што веќе ги имаме. Можеби би биле и поопасни, бидејќи би пишувале и зборувале многу заводливо, за разлика од просечните политичари кои, генерално, не се обременуваат со образование и не читаат. Власта на еден човек врз друг е, во својата суштина, нешто длабоко дијаболично и неприродно. Особено кога трае долго, таа неминовно создава лоши луѓе.

Трн: Србија поминува низ динамични и тектонски општествени процеси. Во каква состојба е општеството денес?

Миодраг: Без претерување – во повеќекратно распаѓање. Институциите се целосно уништени, врските меѓу државата и криминалот се застрашувачки, поделбите во општеството – невидени. Србија денес е во целост киднапирано општество. Долго време се укажуваше на тоа, но се чини дека дури сега – и покрај целата пропагандна машинерија – свеста за тоа почнува да навлегува и кај поширокиот граѓански слој. Студентите одиграа клучна улога во тоа освестување, а власта беше затечена, бидејќи претходните механизми за измама и манипулација повеќе не функционираа. Нешто е сосема поинакво кога за студенти ќе кажеш дека се странски платеници и издајници. Повеќето граѓани имаат некој свој студент, и колку и да е силно медиумското влијание – тие почнаа да сфаќаат дека системот лаже. Како може да е платеник некој за кого секој месец родителите одвојуваат од уста за кирија и школарина? Сега е важно таа огромна енергија да се насочи кон вистински, суштински промени кои се повеќе од потребни.

Трн: Кој е правецот што српското општество треба да го избере во иднина, и кои се луѓето што ќе го водат?

Миодраг: Најпрво треба да се признаат грешките и да се прифати фактот дека предолго се одело по погрешен пат. Не можете да одите понатаму без да разберете што ве довело до несреќата. Тоа бара отрезнување и прифаќање на една горчлива вистина – дека сме испуштиле уште една историска епоха. Но, кога ќе се направи тој болен чекор, сè друго станува логично. Треба да се смени парадигмата што овде владее со децении. Едноставно – наместо послушници и незнајковци, да се ангажираат мислечки и слободоумни луѓе. Корумпираните да се испратат во затвор, и да се промовира една поинаква етика. На нас ни е неопходен радикален прекин со таа подмитлива, шичкарошка култура и со култот на водачот. Имаме сјајни луѓе, но тие во вакви услови се повлекуваа, правејќи место за агресивни медиокритети и ситни профитери. Најкратко речено – ни треба проветрување на овој задушен простор во кој се разви мувла што не им дозволува на здравите и обновувачки растенија да никнат.

Трн: Писател и судија – колку се тоа различни светови и процеси? Особено во еден историски важен период за Србија?

Миодраг: Можеби и не е така случајно како што изгледа на прв поглед. Сложените историски процеси предизвикуваат бури и на индивидуално ниво. Несреќата, тешкотијата и сомнежот секогаш се плодна почва за пишаниот збор. Нема вистинско пишување кога сè е во ред. Притоа, не мислам дека овие две професии се толку различни како што изгледа. И судијата и писателот од своја перспектива го набљудуваат светот, неговите аномалии и убавини. И писателот, кога зборува за теми што го засегаат, кога го изразува својот поглед на светот, во одредена смисла – суди. Колку и да е тешко, ме охрабрува сознанието дека бев сведок на вакво време. А уште повеќе ме радува можноста дека ќе дочекам вистински промени во Србија – промени на кои, на некој начин, му го посветив животот.

Трн: Во „Под туѓо сонце“ зборувате за чувството на припадност во свет што постојано не ни припаѓа. На кого му припаѓа човек кога правдата е туѓа, а светлината доаѓа од туѓо сонце?

Миодраг: Тешко е да се биде странец во сопствената држава. Во литературата најчесто се обрнува внимание на заминувањето во туѓина, на прогонството, емиграцијата… Тој вид на тешкотија одамна е препознаен и опишан. Но што ако сте туѓинец во сопствениот град, во сопствената улица? Што ако се чувствувате како да сте окупирани од своите сонародници? Што ако ве прогонуваат оние што треба да ве заштитат? Кои правила тогаш важат и какви механизми постојат за заштита? Дали воопшто ги има? Тоа се некои од темите што ме интересираа во романот – и веројатно ќе ме интересираат и понатаму. Барем додека не го разбиеме мракот што се надвиснал над Србија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни