Memento Мирко Попов

Една година како ужасно недостасува

Јас сум дете на Југославија. Можеби звучи “офуцано“, или што би рекле младите денес – “лејм“ (англиски: lame), но тоа е целосната историска, општествена, идеолошка и културолошка вистина. Роден сум во тогаш Државна болница во Скопје, СР Македонија (СФРЈ), во сега веќе далечната 1972 година. Типичен сум претставник на генерацијата Х (икс), иако рандом екипи на “миленијалци“ нагалено ме нарекуваат “бумер“, што е последица од благите трауми наследени од нивните оригинал бејби бум родители, во исто време завидувајќи ми на слободниот дух, невидената самодоверба, неоптовареноста со моето место во општеството и секако љубомората што сум растел во 80тите во Југославија. Ем Југославија, ем ЕМ-ТИ-ВИ, ем Тито, ем Боуви, ем Јадранско море.

Вака Мирко се опиша себеси во една од неговите најчитани колумни за Трн. Денес, точно една година откако страшно недостасува, веројатно тоа се зборовите со кои треба да започне ова сеќaвање за него.


Мирко беше музичар, диџеј, културен работник.

Мирко (заедно со неговите другарки и другари од PMG) е човекот кој во раните девеести ја воведе електронската музика во Македонија.

Настрана од тоа, Мирко (заедно со неговите соработници од PMG Recordings) издаде над сто албуми со македонска музика.

Мирко беше и еден од идеолозите на Трн. Неговите (остри како брич) ставови за прогресивноста, за секуларизмот, еднаквоста, за борбата против национализмот и ретроградноста, против изолацијата и балканската малограѓанштина, за мене беа векторите на движење кога ја градевме оваа приказна.

Мирко знаеше да биде тежок човек.

Мирко го сакаше Скопје најмногу.

Мирко беше моторот на цела една културна сцена во градот, човекот кој неуморно ги движеше работите напред.

Мирко е еден од најбитните културни творци во Македонија од крајот на дваесеттиот и почетокот на дваесет и првиот век.

Бестрашен, паметен и убав.

Ми недостасува секој ден.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни