Во време кога дезинформациите, теориите на заговор и лажните вести брзо се шират на интернет, медиумската писменост станува клучна животна вештина – особено за младите. Но, како да ги научиме да препознаваат манипулации, да мислат критички и да се вклучат активно во општеството?

Во ова интервју разговараме со Клара Билкова од организацијата People in Need, која ни го претставува иновативниот пристап „One World in Schools“ (OWIS) – методологија што преку филмови, разговори и практични активности ги поттикнува младите да размислуваат, делуваат и да станат активни и информирани граѓани. Дознајте како оваа програма успешно се применува во различни земји, меѓу кои и Северна Македонија, и зошто токму младите се двигателите на позитивни промени.
Tрн: Според Вашето искуство, кои се најчестите заблуди кај младите луѓе во однос на лажните вести и дезинформациите, и како методологијата на OWIS им помага да се справат со овие предизвици?
Воопшто земено, младите особено имаат тенденција да мислат дека лажните вести и дезинформациите најмногу влијаат врз други групи, како постарите лица, а не врз нив самите. Исто така, веруваат дека овие проблеми потекнуваат од одредени групи, без да сфатат дека дезинформациите се распространети низ целиот медиумски простор и можат да влијаат врз секого – не само преку синџирни е-пораки. Денес, со појавата на вештачката интелигенција, овие појави стануваат сè потешки за препознавање.
Младите исто така имаат потешкотии во препознавање на веб-страници што претставуваат извори на дезинформации. Истражување од 2022 година во Чешка покажува дека осум од десет основци и седум од десет средношколци не знаеле да наведат ниту една таква страница. Од оние кои тврделе дека знаат, многумина погрешно класифицирале страници кои не се дезинформативни.
Методологијата „One World in Schools“ (OWIS), развиена од организацијата People in Need, претставува иновативен пристап во наставата кој ја користи визуелната моќ на филмот и видеата за отворање на различни теми, меѓу кои и медиумската писменост. Целта е преку развој на критичко размислување да се поттикне способноста на младите да верификуваат информации и да ја проценат веродостојноста на вестите. Темите вклучуваат: новинарство, лажни вести и дезинформации, социјални мрежи, безбедност на интернет, рекламирање, маркетинг и пропаганда.

Tрн: Кои се најголемите предизвици со кои се соочуваат младите во станувањето активни граѓани и како вашата работа одговара на тие предизвици?
Според Глобалниот индекс за младинска партиципација (GYPI), постојат четири клучни димензии на младинска вклученост: социо-економската, граѓанскиот простор, политичките прашања и изборите. Овие области ги прикажуваат можностите и бариерите за младинско учество.
Во речиси сите земји, младите се борат да бидат препознаени како политички претставници и лидери и често се исклучени од процесите на донесување одлуки. Дополнителни бариери се: ниска завршеност на основно образование, неквалитетно образование, недостаток на ресурси за обука и ограничен пристап до граѓанско образование.
Индексот исто така истакнува дека младинското учество треба да се гледа интерсекционално — младите жени, ЛГБТКИ+ младите, младите со попреченост и младите од етнички малцинства се соочуваат со поголеми предизвици.
Методологијата на OWIS се заснова на заедничко гледање на документарни филмови, по што следуваат дискусии и вежби преку кои младите ги истражуваат темите подлабоко. Овие активности ги поттикнуваат да ги споделат своите мислења и да слушаат други — со почит и без предрасуди. Така се развиваат вештини што вообичаено не се учат во училиштата: формирање мислење, аргументирање, активна слушање, почитување на различностите и инклузивно размислување.
Во формално и неформално образование, се создаваат можности младите да ги применат овие вештини преку свои проекти: младински филмски клубови, граѓанско новинарство, симулации на избори и јавни кампањи. Се покажало дека симулираните избори ја зголемуваат реалната излезност на младите на вистински избори.

Tрн: Како ја интегрирате медиумската писменост во формалните и неформалните образовни средини и кои се разликите во начинот на ангажман на учениците?
Обично соработуваме со локални експерти по медиумска писменост и заедно ги приспособуваме активностите и материјалите според локалниот контекст. Потребата за вакви материјали често доаѓа директно од наставници и младински работници.
Во училиштата, на наставниците им се нудат обуки, филмови, прирачници и водичи. Ваквиот пристап овозможува да се опфатат многу ученици од различни социјални и економски позадини. Континуираната работа на наставниците со учениците создава услови за подлабоко влијание врз ставовите и однесувањето, што може да доведе до вистински промени.
Во неформалните средини, медиумската писменост се воведува преку обуки за младински работници од младински клубови, центри и слично. Овие простори не се ограничени од учебни програми и временски рамки, што овозможува поголема слобода и интерактивност.
Работилниците кои комбинираат филмови, дискусии и интерактивни вежби се основен алат. Преку младински иницијативи, младите го користат стекнатото знаење за активизам, со поддршка од медиумски професионалци и финансиска помош. Овие искуства им помагаат да станат одговорни и активни граѓани.

Tрн: Каква улога играат социјалните мрежи во формирањето на ставовите кај младите и како се справувате со ризиците и можностите?
Социјалните мрежи имаат огромно влијание врз ставовите и мислењата на младите – и позитивно и негативно. Тие овозможуваат брз пристап до информации и поврзување со заедници, што може да го прошири нивниот светоглед. Може да бидат извор на мотивација и инспирација за личен, професионален и креативен развој.
Но, постојат и бројни ризици: алгоритмите често покажуваат содржини што ги зацврстуваат веќе постоечките ставови, што може да доведе до радикализација. Лажните вести, манипулациите, притисокот за самопретставување, споредбите со други, проблемите со менталното здравје, сајбер насилството и зависноста се само дел од предизвиците. Постојат и грижи за злоупотреба на лични податоци и влијание на огласувачите.
Нашата работа е насочена кон тоа младите да ги препознаат овие ризици и да научат да ги оценуваат информациите критички. Преку филмови и активности им објаснуваме како функционираат алгоритмите, како да се заштитат на интернет и како да развијат здрави дигитални навики.
Tрн: Што ја прави методологијата на OWIS ефективна во различни земји и образовни контексти?
Од 2001 година, повеќе од 4.000 училишта во Чешка ја користат OWIS методологијата. Таа е постојано надградувана за да одговара на актуелни теми како медиумска писменост и климатски промени. Успехот во Чешка ја инспирираше нејзината примена и во 14 други земји, меѓу кои и Северна Македонија, Грузија, Ерменија, Босна и Херцеговина, Монголија, Ангола и други.