Ме радува тоа што филмовите кои сум ги работел траат во времето

Денеска во Кинотека на Македонија му беше доделена наградата „Златен објектив“ на режисерот Столе Попов. Во полна сала и со громогласен аплауз, на почетокот беше презентирана биографијата на Столе Попов, почнувајќи од неговите почетоци и неговото потекло од фамилија која ја негувала фотографската и филмската уметност.

Свеченото доделување на наградата Златен објектив почна со спотот на Леб и Сол за Скопје, кој Столе Попов го режирал и кој сè уште важи за еден од најуспешните спотови кај нас. Во светот на филмот, величината на режисерот се остварува преку неговите визии, иновации и способност да ги доведе гледачите во нови светови. Филмовите на Столе Попов го менуваат начинот на кој го гледаме и перцепираме светот околу нас. Тој е водечка фигура во современата кинематографија, а неговите остварувања остануваат врежани во срцата на сите што ги гледале, оставајќи траен отпечаток во културата и историјата на кинематографијата.

Столе Попов е добитник на бројни награди, а негови најголеми остварувања се запишуваат како „Црвениот коњ“, „Среќна нова ’49“, култниот филм „Тетовирање“ и „До Балчак“.

Во 2011 година, Кинотеката на Македонија го прослави својот 35-годишен јубилеј со проект за дигитална реставрација на македонски филмови. Овој проект опфати седум филма на режисерот Столе Попов. „Да се родиш и да живееш во Македонија и да не си ги погледнал филмовите на Столе Попов е можеби слично како да си се родил во една древна цивилизација како што е Египет а да не си се запознал со пирамидите“, истакнаа промоторите на настанот истакнувајќи дека филмовите на Попов се неизбежен дел од културното наследство на Македонија.

Филмскиот критичар Илинденка Петрушева на доделувањето разговараше со Столе Попов, кој изрази благодарност за признанието од Кинотеката. Попов се присети на своите филмови, вклучувајќи го и „Австралија“ снимен пред точно 50 години во златното време на Вардар Филм. Тој истакна дека уметноста треба да биде зачувана и сочувана, и дека живееме во време на научно-технолошки напредок и историски промени, каде што влијанието на интернетот и вештачката интелигенција е огромно. „Времето на интернетот и на вештачката интелигенција до толку го менува светот што не можеме ни да ги претпоставиме сите можни промени и аспекти каде што ќе има влијание и дали хуманистичкиот аспект на целото наше постоење во цивилизацијата ќе може да биде одржана на едно ниво кое што доликува на човекот, да не дозволиме да го изгубиме хуманистичкиот пристап и човечкото“, потенцираше тој.

Илинденка го потенцираше „хичкоковското“ појавување на Столе Попов во два кадри од спотот на „Леб и Сол“, нагласувајќи ја вечноста на музиката.

Годинава, Кинотеката доделува Специјален Златен Објектив за професионалци кои значително придонеле за филмското архивирање и кинотечната дејност. Оваа чест му припадна на Кире Велков, кој го посвети целиот свој работен век на оваа институција, учествувајќи во изградбата на филмски архив со 50.000 наслови. Неговите раце прегледале и премотале стотици километри  филмска лента како подготовка за дигитализација, проекција, проценка. Велков одигра клучна улога во работата на Кинотеката на Македонија.

Златниот објектив традиционално се доделува на пладне, а вечерта се прикажуваат филмовите, овозможувајќи на публиката да ужива во македонската филмска уметност.

Со овој настан, Кинотеката на Македонија продолжува да ги слави и зачувува достигнувањата во македонската кинематографија, потсетувајќи не на важноста на филмот како културно наследство и уметничка форма.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни