МАРХ – студентски отпор на проектот „Скопје 2014“, 10 години подоцна!

Марх е проект кој започна пред 10 години, како одговор на студентскиот отпор против настаните поврзани со трансформацијата на центарот на Скопје. Во почетокот, беше израз на колективна реакција на една генерација, но со текот на времето се трансформира во индивидуално делување. Во 2014 година, по осознавањето дека како општество не успеваме да делуваме зрело, започнува процесот на подолгорочна едукација на пошироката јавност. МАРХ, иако можеби случајно, се поклопува со иницијативата „Скопје 2014“, а неговата основа беше создадена како реакција на потребата за архивирање на податоците, во контекст на недоволно знаење за себе и својот простор. Подгответе се за долго и инспиративно интервју, бидејќи соговорникот Филип Конески, основачот на МАРХ, навистина има многу да сподели на оваа тема – и не заборавајте да честитате роденден на МАРХ во коментарите!

Трн: Како брутализмот во Скопје ги одразува социјалните и политичките промени во Македонија по Втората светска војна?

Филип: Брутализмот се појавува во 50тите години на XX век во периодот на обновата по Втората Светска Војна. Во Скопје се појавува во земјотресната обнова како крик на градот Феникс што се подигнуваше од пепелта и имаше силна верба во еден тогаш футуристички и модерен град. Тогашната федерација има значајна улога во светската геополитика и покрај сопствениот пат на третата опција и неврзаните, сепак има отворен поглед кои ги следи светските текови и паралелно формира локална форма и впечаток. Овој архитектонски бран го носат македонските архитекти кои завршуваат во западните школи и добиваат прилика да работат на општествените објекти кои биле потребни и за обновата на Скопје, но и главниот град на Македонија, како престолнина на нацијата која сеуште ги живее првите декади на слободата. Тогаш државата е онаа која одлучува за просторот и ја дава слободата на професионалниот глас кој има и додадена вредност. Скопје стремел високо.

Трн: Кои се најзначајните примери на брутализам во Скопје и што ги прави уникатни?

Филип: Скопје е еден од  најзначајните градови на мапата на брутализмот и по бројот на објекти изградени во овој стил и по нивната интернационална но и регионална, локална приказна. Како најзначајни можеме да ги спомнеме делата кои изминатата декада ја разбранува и светската архитектонска јавност, која ги одважи во повеќе форми и медиуми. Доколку мораме да издвоиме тука се делата на Јанко Константинов ( ПТТ центарот со шалтер салата ), потоа делата на Ѓорги Константиновски, студентскиот дом Гоце Делчев, Архивот на град Скопје, потоа УХМР на Тодоровски, Ману на Чипан итн. Посебни се по својата местоположба, скопскиот и македонскиот контекст и скулпторалното формално обликување.

Трн: Како архитектурата во Македонија може да се интегрира со современите урбанистички трендови и потребите на граѓаните?

Филип: Македонската архитектура во моментов е пиреј кој полека се издигнува од лошите практики изминатите 2 децении. Таа се интегрира онолку колку оние што имаат влијание над неа, дозволуваат. Многу политички влијанија, многу „вкусови“ на инвеститорите, краткиот дострел на индивидуалците и немањето на визија. Сепак, последните години се менуваат работите и се појавуваат се подобри реализации. Архитектите со своите погледи и зрелост се многу понапред отколку македонската општествена средина и се принудени да чекаат да созрее и општеството за да може да се создаде додадена ведност.

Трн: Кои архитектонски стилови, покрај брутализмот, сметате дека имаат значајно влијание на македонската архитектура?

Филип: Кога велиме македонска архитектура, тогаш се соочуваме со прашањето за кој период. Секој период носи свои влијанија. Интернационалата преку регионалните форми, со поглед на локалните традиционални искуства влијаат на македонската доцна модерна и брутализам. Потоа доаѓа постмодернизмот каде историцизмот или реинтерпретацијата на одредени препознатливи форми од минатото се вгнездува и за жал го убива патот на големите визии од перидот на постземјотресната обнова.  Потоа доаѓа проектот Скопје 2014та кој има влијание од академизмот, необарокот и еклектичните погледи со за жал непрофесионален и импровизаторски пристап, и сега се соочуваме со таканаречените светски текови кои секако влијаат на македонската архитектура а за кои тек теоријата на архитектурата ќе има задача да ги дефинира и јасно разграничи.

Трн: Каква е вашата визија за иднината на архитектурата во Скопје и Македонија? Какви промени би сакале да видите?

Филип: Визијата за домашаната сцена бара многу промени, тоа значи да започнеме од урбанзимот кој повеќе не смее да биде доделуван на тендери и фирми кои дале најдобра понуда. Мораме да го вратиме конкурсот како основа на транспарентност и натпревар на идеи, кои откако ќе се изберат, ќе се продолжи кон некаква детална разработка во ДУП. Потоа мораме да ги направиме нашите оштини менаџери на својот простор со визија, да се ослободат од притисокот од потребата на комуналиите за да го полнат својот буџет, да престане глорификацијата на приватните имоти, и лагата дека не може да се планира јавен интерес и намена над нив. Апсолутно може. Посакувам и колеги со став, кои ќе знаат да кажат не и да се обединат преку себе организирање како би влијаеле на големите одлуки. Визијата гледа почит кон наследството, негово правилно вреднување и интегрирање, но  и најзначајно посакувам образовани инвеститори на кои профитот нема да им биде првото нешто кога влегуваат во градежниот сектор, би сакал да станат вистински мецени и имаат идеја за создавање дела.

Трн: Како МАРХ придонесува за промоција на македонската архитектура и зошто е важно да се документираат локалните архитектонски стилови?

Филип: Марх придонесува преку секојдневното третирање на македонската сцена, во сите нејзини точки, преку врзување на минатото, сегашноста и иднината. Со тоа влијаеме пред се на изградба на мислата за себе, каде имаме што да пофалиме и што да критикуваме, но пред се да бидеме искрени во тоа. Марх отвора дискусии, прашања и иницијативи, промовира, и покажува на јавноста дека постојат архитекти, истражувања, дела, литература, напредни студентски визии и со тоа се обидува да ја едуцира пошироката јавност, што е примарно да се создаде почва за развој во кој ќе внимаваме и ќе имаме мисла за општествена одговорност која е вистински предизвик во вака лошо насадениот капитализам. Важноста од архивирање е еднакво битна за секое знаење. Кога ќе погледнете еден учебник по било кој предмет, тој во суштина е сублимирано знаење од минатото за кое поединци вложиле многу труд години и работа, а потоа некој го добил како готов производ и знаење во неколку реченици. Од тука без архива, нема креација на сцена, не постои нација, не постои јазик, не постои традиција и континуитет. За да еден човек чекори трезвено по патот, тој мора да го знае минатото за да си ја разбере сегашноста, а од тука да ја проектира и иднината.

Трн: Што сметате дека е најголемиот предизвик со кој се соочува современата архитектура во Македонија?

Филип: Урбанизмот ( читај корупција и криминал ), алчноста на инвеститорите и погрешно разбраниот начин за креирање бизнис во градежништвото,  економската исплатливост на проектирањето и борбата за достоинство, каде архитектот и неговото мислење е важно и треба да има влијание. Потоа секако образованието, новите технолошки достигнувања, литература на македонски јазик и поголема храброст. Многу предизвици во секој поглед.

Трн: Како можете да ја опишете улогата на јавниот простор во градовите, особено во контекст на Скопје?

Филип: Јавниот простор е крвотокот на организмот наречен град, без него нема циркулација и движење. Тој е суштински за она што го чувствуваме како заедничко, и тој е основата на социјализацијата и виталноста, квалитетот на живеењето. Скопје загуби огромна површина на јавни простори, и не успеа соодветно да ги замени, и да се оддолжи за тоа што го загуби. Сепак Скопје сеуште поседува неспорен потенцијал, но да застанеме и да направиме визија, која јас не ја гледам низ формата на ГУП разработен под затворени врати. Скопје и другите градови најитно имаат потреба од меѓународни архитектонско урбанистички конкурси, кои ќе постават нов правец.

Трн: Како вашето искуство како архитект влијае на вашата перцепција за културното наследство и неговата важност за идните генерации?

Филип: Лично сум немал бројни проектантски предизвици кои имаат блиска релација со значајно културно наследство, но тоа има значение само за конкретниот објект и пристап како проектанста задача. Општата перцепција се согледува и суди лесно на терен, околу нас. На очиглед ние го игнорираме наследството и секојдневно го деградираме.  Важноста за еден град и богатството на една култура се мери во континуитет, достапност, опипливост а со тоа и присутност, учество во секојдневниот живот. Доколку мислиме дека можеме да говориме за себе единствено преку фотографии, тогаш имаме сериозен проблем кога говориме за градителско наследство. Најзначајните градови во себе, ги поседуваат слоевите од сите периоди. Тоа значи впивање и знаење, различни доживувања и слики кои го чинат животот многу побогат. Очите многу повеќе веруваат на видено, отколку на прераскажано.

Трн: Кои аспекти од традиционалната македонска архитектура сметате дека треба да бидат интегрирани во современото градителство?

Филип:Традиционалната архитектура има една поинаква структура, која во суштина е адаптилна и внимава да се надоврзе на природните услови, но и на соседот кој е до вас, создава една навистина топла атмосфера. Таа употребува и еколошки материјали, има поинаков конструктивен систем и не дозволува преголеми височини. Таа има сликовит јазик, прекрасни чардаци, еркерни исфрлања и интересна блискост и релација со соседот. Од неа можеме многу да добиеме преку визелната појавност, која македонските архитекти и те како ја реинтерпретираат во периодот на 60 и 70тите години. Таа е иснпирација за објектот на Владата кој сега е негде скриен во позадина на маската од скопје 2014та, таа е инспирација за костурницата во Кавадарци, за Песталоци школото како и за Универзитесктата библиотека. Сонувам за реинтерпретација на традиционаланта македонска куќа во современ архитектонски јазик, кој ќе одбележи дел од реализациите на индивидуалното домување.

Трн: Какви иновации или нови технологии сметате дека можат да го подобрат дизајнот и изградбата на објектите во Македонија?

Филип: Мислам дека иновацијата и идејата не се толку проблем во визијата, колку што зависноста на градителството од општеството,  волјата на инвеститорите, општината и градот. Така да технологијата секако ќе придонесе низ начинот на функционирање, менаџирање на проектантски процес особено меѓу фазите, тука е БИМ технологијата која совршено го интегрира тој дел и во многу сегменти го олеснува процесот од аспект на точност при пресметките, како и заштеда на време и олеснета комуникација. Сега веќе се соочуваме и со присуството на вештачката интелегенција, која учи од нас и генерира. Би рекол дека не треба да ги игнорираме технолошките достигнувања, но дека треба да сме искрени во тие процеси, да не ги злоупотребуаме и правилно да ги користиме. Секако отвораат многу нови можности за светот и за нас.

Трн: Како гледате на односот помеѓу уметноста и архитектурата, особено во контекст на стрит уметноста во Скопје?

Филип: Архитектурата ја има способноста да ја апсорбира уметноста во себе, бидејќи таа и самата е идеален баланс меѓу техниката и уметноста. Објектите се функционални скуплптури кои често се предмет на индивидуални дополнителни интервенции па со текот на времето најчесто ја губат архитетконската вредност со оддалечуањето на авторската идеја.

Во поглед на уличната уметност, како архитект навистина внимавам каде таа може да се појави, и размислувам за контекст и одредена додадена вредност како феномен на една урбана култура. Но, тоа можам да го говорам во делот на сопствените одлуки за учество во ваквите дејствија и иницијативи. Затоа и во претходните мои проекти поврзани со уличните галерии во Скопје, внимавав на реоткривањето на потенцијалнтие јавни простори, преку овие интервенции, без да ја нападнат архитектурата како некое себично и деградирано дејствие, туку да посочам дека можеби постои и можност за симбиоза и меѓусебна почит. Таа во својата основа е бунтовна и е наметлива особено во процесот на нејзините почетоци, но со текот на времето ова дејствие и те како создава културен бран прифатен од широките маси, свој стил и начин, со што се отвора прашањето на пораката на тоа што го оставаме како цртеж или интервенција. Тука веќе говорам и за пораката и за начинот. Не секој внимава.

Трн: Што значи за вас концептот на “одржлива архитектура” и како тоа може да се применува во македонскиот контекст?

Филип: Одржливата архитектура е архитектура која има за цел да го минимизира негативното влијание врз животната средина преку ефикасност и умереност во употребата на материјали, енергија. Таа секако дека може да се применува и во македонскиот контекст, но тоа мораме да знаеме дека значи дополнително образование, примена на софтвери, промена на регулативи и пред се многу повеќе финансии кои на долг рок се исплатлива инвестиција. По секоја цена и фанатичко брзање кон еколошка трансформација би можело да значи и девастирање и отежнато функционирање. Затоа мораат чекорите да бидат размислени и системски.

Трн: Која е вашата порака до младите архитекти и дизајнери кои сакаат да остават свој белег во македонската архитектура?

Филип: Да оставите белег во македонската архитектура пред се морате да стекнете почит за она што е градителско добро, да се стекнете со знаење за македонските архитекти вашите претходници, да имате почит кон поголемата слика и во тие рамки успешно да ја реализирате вашата слобода. Кога треба да внимавате на другиот и на привилегијата да создадете континуитет погледнете го Брезоски со стоковната куќа Нама, како го прати Метропол на Злоковиќ, кога размислувате смело и енергично, бескрајно современо и филозофски издржано погледнете го Македониумот. Архитектурата не трпи бескрајно романтични мисли, ниту претерана рационалност, пронајдете ја рамнотежата и својот јазик кој треба да е континуитет на добрата пракса.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни