Колку е направено од тоа што беше предвидено со Законот? Зошто новите обврски сè уште се само на хартија? И зошто македонскиот стандарден јазик не добива третман каков што заслужува, и покрај новата правна рамка?
Претседателката на Здружението на лектори, проф. д-р Елизабета Бандиловска, остро реагира на непочитувањето на Законот, оценувајќи дека проблемот започнува уште од градинките, продолжува во образовниот процес, а кулминира во јавните институции. „Сè уште не се почитува јазикот во таа официјална форма во која треба да се почитува, на ниту едно ниво – ни за наставници, ни за новинари, ни за пратеници,“ вели Бандиловска.
Taa потенцира дека лекторирањето е само формалност, а јавните установи и институции не вработуваат лектори, како што предвидува Законот.
Според неа, најголемите предизвици за македонскиот стандарден јазик е тоа што сè помалку е присутен и почитуван во јавниот дискурс. Наставниците и професорите често зборуваат на дијалект, дури и во градинките, што значително влијае на јазичната писменост на децата. Голем број од студентите што завршуваат на педагошките факултети немаат доволно квалитет за да бидат носители на јазичната култура. „Јазикот не го губиме надвор – го губиме дома,“ предупредува Бандиловска, посочувајќи дека англискиот јазик доминира во јавниот и образовниот простор.
Итноста на примена на новиот Закон за македонски јазик
Искра Пановска Димкова, шеф на Катедрата за македонски јазик при УКИМ
Законот за македонски јазик, кој беше усвоен пред една година во Собранието, сè уште чека целосна имплементација, и покрај тоа што содржи клучни новини за заштита и унапредување на јазикот. Искра Пановска Димкова, шеф на Катедрата за македонски јазик при УКИМ, го нагласува значењето на овој закон и најитните чекори за неговата примена.
Клучни приоритети: вработување лектори и оформување инспекторат
Еден од најважните членови на законот предвидува задолжително вработување на лектори во сите државни институции. Димкова истакнува дека досега, лекторирањето на службените документи зависеше исклучиво од свеста и добрата волја на институциите, бидејќи немаше тело што ќе го контролира тоа. Новиот закон предвидува формирање инспекторат кој ќе има задача да врши контрола и да санкционира несоодветно користење на јазикот.
„Законот пропишуваше формирање на инспекторат во рок од шест месеци од неговото стапување на сила. Тој рок е одамна поминат, а сè уште нема никакво поместување“, вели Димкова, потенцирајќи ја итноста на ова прашање.
Поттикнување на младите за студии по македонски јазик
Законот исто така предвидува и стипендии за додипломски, постдипломски и докторски студии по македонски јазик. Според Димкова, овие мерки можат значително да го зголемат интересот за студии по македонски јазик, особено во комбинација со вработувањата на лектори.
„Овие стипендии се многу важни за да привлечеме млади луѓе кои се вистински заинтересирани за македонскиот јазик. Порано на катедрата се пријавуваа студенти кои беа одбиени од други факултети. Денес, тие што доаѓаат имаат вистинска љубов кон јазикот, а бројот последните години се движи од 15 до 20 студенти годишно“, додава таа.
Демографски предизвици
Еден од најголемите проблеми што Димкова го истакнува е намалениот број на матуранти, кој директно влијае на бројот на идни студенти.
„Оваа година имаше само 10.000 матуранти, од кои 4.000 имаат друг мајчин јазик. Од преостанатите, дел одат во странство, дел не студираат, и на крај остануваат околу 5.000 студенти за сите факултети кои имааат 90 000 слободни места. Тоа е сериозна дискрапанца. Овој тренд е поразителен и има сериозни последици за образованието“, вели таа.
Лиценца за лекторирање
Еден од најважните аспекти во законот е условот за добивање лиценца за лекторирање. Таа може да ја добијат само дипломирани студенти кои како главен предмет го имале македонскиот јазик.
„И покрај несогласувањата од одредени кругови, ова правило останува, бидејќи е важно да се задржи високото ниво на стручност“, потенцира Димкова.
Со овие мерки и иницијативи, Димкова верува дека новиот закон може да ја подобри состојбата со македонскиот јазик, но само доколку почне итно да се спроведува.
Елена Јованова Грујовска – Директорка на Институтот за македонски јазик: Практичната примена на Законот за македонски јазик и идни предизвици
Законот за употреба на македонскиот јазик, иако донесен пред повеќе од една година, сè уште не се применува во целост. Според Елена Грујовска, директорка на Институтот за македонски јазик, главниот предизвик беше доцнењето во формирањето на Советот за македонски јазик, кој започна со работа дури во декември минатата година. Од тој момент, потребни се дополнителни чекори за целосно регулирање на неговата примена.
Најважни аспекти за примена на законот
Грујовска истакнува дека е неопходно сите државни и јавни институции, како и локалните самоуправи и медиумите, да вработат лиценцирани лектори.
„Лекторот мора да биде вработен, не само ангажиран. Тоа е клучно бидејќи само така ќе се сноси одговорност за квалитетот на извршената лектура,“ вели Грујовска. Таа додава дека новото тело што треба да биде формирано ќе врши инспекција и контрола на лектурите, за разлика од минатото кога се проверуваше само дали има лекторска лиценца, но не и квалитетот на работата.
Институтот за македонски јазик е подготвен да обезбеди обуки и курсеви за тековните и идните лектори, со цел да се унапреди нивниот квалитет.
Лекторати и културни центри
Грујовска потенцира дека е потребна посебна поддршка за лекторатите за македонски јазик во странство, кои во изминатите децении значително се намалија.
„Во време на СФРЈ, имавме повеќе лекторати отколку сега, на пример, лекторат во Германија, кој денес не постои. Идејата е да се формира тело што ќе ги регулира и поттикнува лекторатите и културните центри во светот, со цел да се прошири изучувањето на македонскиот јазик,“ истакнува Грујовска.
Со сите овие активности, Грујовска ја гледа примарната цел на законот: унапредување на состојбата на македонскиот јазик, поддршка за катедрите низ земјата и обезбедување поголем квалитет во употребата на стандардниот литературен јазик.
Членството на Советот за македонски јазик беше донесено лани во декември, а негова претседателка е Симона Груевска Маџоска
Иако законот беше усвоен, не беше ставен на дневен ред во Собранието со месеци, поради што неговото спроведување се одложи. Според претседателката на Советот за македонски јазик, Симона Груевска Маџоска, поради изборите не се објавуваа конкурси за избор на директор и инспектори за потребниот инспекторат.
Имплементацијата бара формирање на инспекторат со пет члена (директор и четворица инспектори), кои ќе вршат контрола во институциите, медиумите и издавачките куќи. „Без инспекторатот, кој е правно тело, ништо не може да започне. Тие ќе бидат одговорни за инспекциски надзор и за санкционирање на оние кои не го почитуваат законот“, вели Груевска Маџоска.
Законот предвидува и санкции за прекршителите, со казни од 1.500 до 3.000 евра, а во случаи на злоупотреба, може да се иницира и одземање на лиценците на лекторите.
Национална стратегија за македонскиот јазик
Новата законска рамка предвидува и изработка на национална стратегија за македонскиот јазик, што би овозможило подобра грижа за јазикот преку: Научно истражување и афирмација, Зголемување на буџетот за јазични проекти, бидејќи од 2010 година нема нови проекти за македонскиот јазик.
Улогата на Советот за македонски јазик
Советот за македонски јазик е советодавно тело кое има задача да следи како се употребува македонскиот јазик, да дава препораки и да иницира активности. „Бараме да бидеме поприсутни и повидливи, со посебен линк на страницата на Министерството за култура каде што јавноста ќе може да се информира за нашата работа,“ објаснува Груевска Маџоска.
Иако носењето на законот е значаен чекор напред, неговата примена бара институционална поддршка, политичка волја и ресурси. Само со заеднички напори може да се обезбеди зачувување и унапредување на македонскиот јазик како национално и културно богатство.