Македонската музичка и културна јавност денеска се простува од баритонот Ристе Велков, првенец на Националната опера и балет, кој загина во тешката сообраќајна несреќа на скопската обиколница, заедно со неговиот 20-годишен син Адам. Колеги, пријатели, уметници и јавни личности објавуваат пораки на сочувство, нарекувајќи ја трагедијата голема загуба за семејството, за оперската сцена и за македонската култура.
Од Факултетот за музичка уметност во Скопје, каде што Велков го оформил своето високо музичко образование, се простија од него како од свој алумни и првенец на Македонската опера и балет. Во пораката за сочувство, ФМУ го опишува Велков како еден од најхаризматичните оперски солисти и изразува сочувство до неговото семејство, колегите, пријателите и сите што го познавале и почитувале.
Од Националната опера и балет со длабока тага се простија од својот првенец, баритонот Ристе Велков, нарекувајќи го исклучителен уметник, врвен интерпретатор и човек чиј глас, сценско присуство и уметност оставиле длабока трага во македонската музичка култура. Во пораката од НОБ се потсетува дека Велков беше еден од водечките македонски баритони, препознатлив по белканто репертоарот и епитетот „италијански баритон со кадифена боја“, со богата кариера исполнета со водечки улоги во „Набуко“, „Риголето“, „Магбет“, „Травијата“, „Аида“, „Кармен“ и други оперски дела. Од институцијата изразија искрено сочувство до неговото семејство, колегите, пријателите и сите што го познаваа и почитуваа.
Со пораки на збогување се огласија и негови колеги од сцената. Оперската примадона Весна Ѓиновска-Илкова објави кратка порака на простување, а оперскиот пејач Мариани Џовани ја нарече несреќата незамислива трагедија што ја потресе и музичката и човечката јавност.
Велков беше еден од водечките македонски баритони и препознатлив солист на Националната опера и балет. Роден е во 1975 година во Скопје, дипломирал на Факултетот за музичка уметност, а подоцна магистрирал со највисока оцена. Како солист-првенец на Македонската опера и балет, настапувал претежно во белканто-продукции и бил препознаван по баритонска боја што критиката ја поврзуваше со италијанската вокална школа.
Во кариерата остварил 26 улоги, меѓу кои повеќе од 15 водечки баритонски партии. Во неговиот репертоар биле дела од Верди, Доницети, Бизе, Гуно, Пучини, Маскањи и Леонкавало, како и дела од македонската оперска литература, меѓу кои „Цар Самуил“ и „Илинден“ од Кирил Македонски. Настапувал во Македонија, но и на сцени и фестивали во Јапонија, Србија, Романија, Турција и Бугарија.
Велков дебитирал уште како студент во драмската претстава „Амадеус“ на сцената на Драмски театар во Скопје, а во 1998 година настапил на Мајските оперски вечери со улогата на Маруло во „Риголето“. На матичната сцена на Македонската опера и балет дебитирал во 2009 година со водечката улога во „Набуко“, една од клучните партии во неговиот репертоар.
Во несреќата на скопската обиколница загинаа четири лица. Според досега објавените информации, меѓу жртвите се Велков, неговиот син Адам и уште две лица. Несреќата се случи помеѓу надвозникот Визбегово и клучката Мирковци, кога товарно возило со косовски регистарски ознаки преминало во спротивната насока и се судрило со патничкото возило.