Маја Кикириткова: „Елеазар“ – бренд од упорност, креативност и женска сила

Брендот „Елеазар“ е резултат на упорна работа, љубов кон креативноста и стремеж кон удобност

Маја Кикириткова е име кое брзо се издвојува на македонската модна сцена. Како дизајнерка и основачка на својот бренд „Елеазар“, таа ги комбинира креативноста и претприемништвото, создавајќи парчиња кои не се само облека, туку приказни

Брендот „Елеазар“ е резултат на упорна работа, љубов кон креативноста и стремеж кон удобност. „Името на брендот доаѓа од мојот син Лазар – Елеазар е изведок кој ја носи неговата енергија“, вели Маја, додавајќи дека секоја колекција носи инспирација од животот, семејството и природата.

Удобноста и природните материјали се темелите на „Елеазар“. „Со години сфатив дека удобноста е нешто што секој сака, покрај креативноста. Сите мои колекции се изработени од природни материјали, никогаш не користам синтетика, затоа што верувам дека квалитетот и еколошката свест се важни за модерната мода“, објаснува Маја.

Работењето како дизајнерка на македонската модна сцена не е лесно, особено за жена и мајка. „Дваесет години постојам на сцената, и можам да кажам дека да се биде жена со сопствен бренд е голем предизвик. Но токму упорноста и вербата во себе се клучот за успехот“, вели таа. Маја додава дека семејството игра важна улога во брендот – додека таа се фокусира на креативноста, сопругот ја поддржува организацијата и управувањето со бизнисот.

За пет години, Маја го гледа „Елеазар“ на меѓународната сцена. „Не сакам брендот да остане само на парчиња за специјални пригоди. Сакам моите креации да ги носат многу луѓе и надвор од Македонија, и затоа моментално работам онлајн и подготвувам проширување“, вели таа.

Инспирацијата за колекциите доаѓа од секојдневието, природата и од самата публика. „Моите колекции се поврзани една со друга, секоја нова е надополнување на претходната. Имаме публика која ја цени оваа филозофија, бидејќи се враќаме на природните материјали и квалитетот, наместо на масовно произведена облека“, објаснува Маја.

Клучната порака на „Елеазар“ е јасна: модата е израз на индивидуалност, креативност и женска сила. „Верувајте во себе, бидете упорни и силни – тоа е мојата парола“, заклучува Маја, инспирирајќи ја целата македонска модна и креативна сцена.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни