На една конференција во Москва во 2009 година разговарав со респектиран руски психијатар од областа на зависностите. Кога го прашав за тоа дали во Советскиот Сојуз некогаш се спроведувале експерименти со ЛСД ме погледна чудно, се заврте да види дали има некој во близина и само кратко одговори – би било многу неверојатно ако тоа не го правела.
Употребата на ЛСД во комунистичките земји започнало во Чехословачка во средината на 50-те години од минатиот век за што пишувавме во првиот дел од оваа колумна, но таа практика продолжила и во СССР и во Бугарија. Неколку написи биле објавени во медиумите на советска Естонија кон крајот на 1960-тите, во кои се опишува смртта на западната младина поради влијанието на ужасна нова дрога. „ЛСД – врата на лудилото или рајот?” е еден од насловите објавен во весникот Едаси во 1968 година. Иако во овие написи употребата на дрога се сметала за доказ за неуспехот на капиталистичкото општество, тоа очигледно ги натерало авантуристичките млади луѓе во Советскиот Сојуз да ги кренат веѓите. Експлозијата на инспирација што произлегла во тоа време достигнала многу фронтови. Музиката, графичката уметност, анимацијата и другите уметности станувале се повеќе популарни а некои од уметниците почнале да експериментираат со достапните супстанци. Според повеќе извори ЛСД била исклучително ретка супстанца во Советскиот Сојуз. Тогаш јавноста ништо не знаела за психоделиците. Чешкиот психијатар Станислав Гроф, наречен „Кум на ЛСД“,кој учествувал во елспериментите со ЛСД во Прага кон средината на 50-те години од минатиот век, преку програма за размена меѓу универзитетите дошол во Ленинград во 1964 година. Со себе донел и 300 ампули ЛСД. Гроф се сеќава дека организирал сеанси секој ден во текот на еден месец .
Ова сигурно имало револуционерен ефект, можеби не толку во официјалната научна мисла колку кон прифаќањето на други практики и погледи кон животот. Се раскажува дека целата интелектуална средина на универзитетот кардинално се променила после посетата на Гроф. Наеднаш луѓето почнале да се интересираат за зен-будизмот, јогата и за делата на еден писател кој не бил Русин -Херман Хесе. Ниту Советскиот Сојуз ниту Русија никогаш не ги декласифицирале официјалните извештаи за владините програми па затоа не постојат информации за тоа дали владата вршела експерименти кои вклучуваат ЛСД. На една конференција во Москва во 2009 година разговарав со еден респектиран руски психијатар од областа на зависностите. Кога го прашав за тоа дали во Советскиот сојуз некогаш се спроведувале експерименти со ЛСД, ме погледна чудно, се заврте да види дали има некој во близина и само кратко одговори – би било многу неверојатно ако тоа не го правела.
Приказната за доаѓањето на ЛСД во Бугарија е слична на онаа во Чехословачка. Режисерот на документарни филмови и новинар Јордан Тодоров кој живее во Берлин ја истражувал оваа приказна. Според него клучна улога одиграла професорката психијатар Марина Бојаџиева, пионерка во истражувањето на влијанието на ЛСД врз мозокот на човекот во Бугарија. Во 1961 година, значи 9 години подоцна од започнувањето на експериментите со ЛСД во Прага, Бојаџиева, која тогаш работела како асистент истражувач на одделот за Психијатрија на Медицинскиот факултет во Софија се сретнала со претставник на Швајцарската компанија Сандоз која легално произведувала ЛСД. Најпрво добила 50 ампули ЛСД. Нејзината идеја била да креира експериментален модел на психози со помош на ЛСД. И така започнала.
“Администрирав ЛСД во мали дози на здрави волонтери. Тоа беше целосно органска супстанца , чиста како солза “ вели Бојаџиеа за истражувањето на Јордан Тодоров. Вообичаено волонтерите голтале шеќерна таблета со 0.025 мг ЛСД или примале инјекција со 100 микрограми ЛСД. Супстанцата се администрирала на празен стомак или после лесен појадок. Нејзиното дејство започнувало за 30 минути до еден час подоцна а ефектите исчезнувале со текот на времето. Сепак, секогаш имало дежурна медицинска сестра со 50 mg антипсихотичен лек Хлорпромазин во случај да се појават лоши ефекти. Исто како и во Чешка и во Бугарија експериментите со ЛСД привлекле луѓе од сферата на уметноста пред се сликари. Тие доброволно се пријавувале да учествуваат во истражувањето со ЛСД. Некои од нив донеле дури и штафелаи и бои со себе, верувајќи дека ќе бидат погодени со изливи на инспирација. Цртежите направени за време на сесиите со ЛСД подоцна биле вклучени во докторската теза на Бојаџиева. Но, според нејзините наоди, ЛСД не може некого да го направи покреативен но може да направи човекот да „гледа“ букви и зборови во различни бои и да доживее синестезија.
За време на нејзините рани експерименти, таа неколку пати земала ЛСД „од научен интерес“, како што вели таа. Тоа и било многу корисно, лекот ѝ овозможил да стекне увид во светот на ментално болните со тоа што и самата доживеела симптоми слични на шизофренија.
“Еднаш земав ЛСД со студентите по медицина. Кога дојдов дома, мојот сопруг и децата, кои знаеја за експериментите, ја играа“Lucy in the Sky with Diamonds,” се сеќава Бојаџиева. „Отидов до прозорецот и видов подвижна сенка. Бев напната и почуствував тензија но бев свесна дека сето тоа е илузија”.
Активностите на Бојаџиева наскоро го привлекле вниманието на армијата. „Студената војна беше на својот врв. Очигледно нашата војска слушнала некои вознемирувачки работи за експериментите со ЛСД спроведени на Запад во тоа време“, се сеќава Бојаџиева за истражувањето на Тодоров. „Тие беа заинтересирани дали лекот може да се користи како оружје за масовно уништување или како серум на вистината. Тие буквално ме прашаа: „Можат ли [Западот] да не натераат да полудиме со тоа? На барање на армијата, таа извршила експеримент со двајца млади војници во просториите на Воено-медицинската академија. Потпишала договор за доверливост и на војниците им инјектирала 25 микрограми ЛСД во присуство на полковник и воен психијатар. Експериментот го снимила војската, која ги конфискувала сите извештаи за него. Бојаџиева никогаш повеќе не била контактирана од армиските службеници.
Швајцарската компанија Сандоз официјално прекинува со производство на ЛСД кон крајот на 1965 година. Истражувањата со ЛСД на Бојаџиева завршиле 3 години подоцна, додека во Чехословачка Владата одобрила домашно производство на ЛСД и истражувањата траеле до 1974. Малку неверојатно ако се земе во обзир дека после 1968 година оваа земја е целосно под контрола на Советскиот Сојуз.