Одборот за доделување на државната награда „Мето Јовановски“, одлучи оваа година носители на државната награда „Мето Јовановски“ за 2024 година, како највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на промоцијата, заштитата и унапредувањето на човековите права да бидат: Здружение на граѓани „Центар за граѓански комуникации (ЦГК)“ – Скопје и Лила Милиќ, долгогодишна активистка и основач на здружението Трансформа – Иницијатива за заштита и унапредување на трансродовите лица.
Центарот за граѓански комуникации е формиран во април 2005 година како невладино, непрофитно и непартиско здружение на граѓани. ЦГК ја фокусира својата работа врз две групи од меѓусебно поврзани активности: (1) мониторинг на државните институции и врз основа на тоа, препорачување мерки и политики за унапредување на работењето, доброто владеење, економскиот развој и за намалување на просторот за корупција и (2) унапредување на способноста на новинарите и на посебната улога на медиумите и на невладините организации во борбата против корупцијата и зголемувањето на транспарентноста, одговорностаа и отчетноста на државните институции.
Лила Милиќ е трансродова личност, долги години активно работи како активистка за заштита на правата на трансродовите лица и сексуалните работници во Северна Македонија.