Деновиве имав можност да отидам до Белград, каде Институтот ,,Сервантес” организираше прослава за еден од најпознатите празници во Мексико. Денот на мртвите или Día de Мuertos e многу важен за нивната традиција, а уште поважна е неговата симболика и начинот на прослава во контекст на културолошкото перципирање на тагувањето, поради што морав да напишам некој збор. Имено, овој уникатен спој на различни пракси е фокусиран на прославата, симболизмот, боите и музиката во чест на сите починати што е прилично различно од сè што сум видела претходно.
Можноста преку ваква прослава да се сврти вниманието кон смртта како нешто кое е неизбежно, како концепт кој е дел од животот од кој треба да прекинеме да се плашиме е фасцинантен и ослободувачки чин. Не само што функционира како аспект на обединување и културна традиција на заедницата, туку и на акт на растење, прифаќање и зрелост преку прослава на животот на тие што веќе ги нема. Ова толку многу ме трогна и предизвика да размислувам за тагувањето во нашата култура, за она што го загрозува нашето ментално здравје, за предизвиците да се биде во ред и зрело да се процесираат важните работи со прифаќање и препуштање.
Континуирано следам статистики за состојбите со менталното здравје кај нас. Поразителни бројки, многу малку места каде луѓето воопшто можат да се обратат за помош, низок стандард кој прави нашето ментално здравје да биде еден вид привилегија. Ме боли ова прашање од една страна, а од друга, нашите општествени алатки кои (не) ги градиме за меѓусебна поддршка и почит, кои треба да ни помогнат за полесно да се справуваме со животни процеси кои неминовно ќе се случат. Самата сум пример за ова. Имам огромна тешкотија да присуствувам на погреби и физички не се чувствувам добро, досега не успеав да се навикнам на овој чин како последно поздравување на починатиот токму поради овој здравствен момент.
Размислувајќи во контекст на Денот на мртвите, првпат имав можност да го видам човечкото во мене како се соочува со кревкоста, неизбежното и стравовите, токму преку оваа традиција на прослава, која како полека да ме турна кон она разбирање на неизбежните животни процеси, што всушност требало да го направам порано. Ова ме тера да размислувам на фактот колку нашите општествени практики и културни елементи се важни во нашето лично развивање и сфаќање на животот.
Она што го градиме како севкупен систем на меѓусебна поддршка влијае и на нашето ментално здравје, но и на нашата храброст, нашите капацитети да се справуваме со предизвиците на животот, да ја искажуваме отворено нашата ранливост и да и дозволиме да зазема облици кои ќе ги слават оние кои веќе ги нема, а ќе бидат наша утеха. Ни недостасуваат такви елементи на поддршка додека поминуваме низ тагата и нејзиното процесирање, трансформирање, а од друга страна, колективно се плашиме од неа и се обидуваме да се заштитиме од брановите чувствување. Има нешто многу важно во идејата да се тагува, да се стравува и да се отпушти тој страв од губењето на нашето човечко, гледајќи колку е сè минливо, кротко и кратко. Но исто така, токму тие механизми на поддршка кои доаѓаат од разни страни, без разлика дали преку културата, историјата или филозофското поимање на самиот човек на конкретна површина – токму тие се од толку големо значење за нас, а за тоа се зборува толку малку.
Деновиве во Валенсија се случија едни од најголемите поплави во историјата на земјата. Сликите се потресни, загинати повеќе од 200 луѓе, неизмерна тага и неверување – тотално трансформираниот град е без вода, струја и задоволени основни потреби. Во сите видеа кои излегуваат на социјалните мрежи, доаѓаат информации за над 100 000 волонтери кои се пријавени за помош во погодените подрачја и видеа од луѓето кои со разни алати се движат кон погодените домови. Атмосферата меѓу луѓето, кои заедно како реки се излеваат на улиците и се упатуваат накај погодените подрачја е неверојатна. Помеѓу болката и тагата, ете го тој човечки дух и борбеност кој сè уште ми дава надеж, кој ја прегрнува таа огромна тага и страдање и ѝ пркоси на желбата да се предадеме. Eте ја таа нишка која ја трансформира тагата во нешто непроценливо, што не знам како да го објаснам со зборови.
Само знам дека длабоко трогнува она човечкото што толку многу чувствува, се бори, се надева и се сеќава. И знам дека овие елементи од Денот на мртвите се нешто кое културолошки универзално е толку важно за сите нас. Да најдеме начин, најголемите болки кои ги доживуваме кога губиме да ги оттагуваме силно, но да не престанеме да веруваме и да се движиме напред, во сеќавање на сите кои веќе ги нема покрај нас. За ова, културата и механизмите преку кои колективно ги доживуваме и интерпретираме болката, тагувањето, страдањето се клучни и тие мора да се збогатуваат за да имаме силна меѓусебна поддршка во тешките времиња. За да можеме после сè, да почувствуваме некаква оснажнетост за иднината, дека таа постои и покрај загубите што толку длабоко нè болат.