Италијанските власти започнаа истрага против познатите козметички брендови „Сефора“ и „Бенефит“, кои се дел од луксузниот концерн LVMH, поради сомнежи дека користеле прикриени маркетинг стратегии насочени кон деца. Според Италијанската агенција за конкуренција (AGCM), постои сомнеж дека преку млади инфлуенсери биле промовирани производи за нега на кожа, вклучително и анти-ејџинг креми и серуми, на деца помлади од 10 години.
AGCM наведува дека компаниите можеби не јасно ги истакнале предупредувањата дека овие производи не се наменети за деца, туку, напротив, преку социјалните мрежи и микро-инфлуенсери создавале впечаток дека се соодветни и за најмладите. Се истражува дали овие практики можеле да поттикнат ран и нездрав однос на децата кон нега на кожата, феномен кој експертите го нарекуваат „козметикорексија“.
Многу видеа на социјалните мрежи, под хаштаговите „Sephora kids“ и „Sephora kids GRWM“, прикажуваат деца како ги купуваат и демонстрираат производите за нега на кожа, што според експертите создава притисок и нездрава опсесија кај младите. Експертите предупредуваат дека употребата на производи за возрасни кај деца може да предизвика иритации, алергиски реакции и во некои случаи трајни оштетувања на кожата.
Во рамките на истрагата, инспектори од AGCM и финансиската полиција на Италија извршиле проверки во италијанските седишта на LVMH и Sephora. Компанијата LVMH соопшти дека ќе соработува со властите и дека строго се придржува до важечките италијански закони, но не даде дополнителни коментари поради тековната истрага.
Оваа истрага ја отвора дискусијата за етичноста на маркетингот насочен кон деца и за тоа како глобалните брендовите треба да ги балансираат комерцијалните цели со здравјето и безбедноста на најмладите.