Комисијата за човекови права денеска ќе ја разгледува претставката на родителите на загинатите во кочанската трагедија

Во Собранието денеска ќе се одржи седница на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, на која ќе се разгледува претставката поднесена од Здружението „16 март 2025 Кочани“, познато во јавноста како Здружение на родителите на загинатите деца во дискотеката „Пулс“.

Родителите повторно инсистираат дека нивната иницијатива не е политичка, туку исклучиво борба за правда и барање институционална одговорност за да не се повторат вакви трагедии.

Во нивното обраќање до Комисијата тие нагласуваат дека бараат само она што им го гарантираат Уставот и законите, почитување на човековиот живот, правото на безбедност и правична постапка. Здружението очекува Комисијата да поведе постапка за утврдување на можните повреди на човековите права, да повика на сослушување претставници на сите релевантни институции и да отвори темелна парламентарна истрага за евентуални пропусти, прикривања и коруптивни влијанија. Родителите бараат и итни измени на законите што го регулираат работењето на угостителските објекти, со зајакнати безбедносни стандарди и построга контрола врз инспекциските служби.

Претседателот на Комисијата, пратеникот Димитар Апасиев, претходно најави дека на седницата се поканети претседателката на државата, премиерот, претседателот на Собранието, министерот за внатрешни работи и други надлежни институции. Тој упати апел до владејачкото мнозинство да не ги избегнува обврските и да присуствува на седницата, потсетувајќи дека датумот е усогласен со родителите, токму поради тоа што денеска нема закажано судско рочиште за случајот „Пулс“.

Минатата недела Собранието, на предлог на пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВРЕДИ, одлучи да формира Анкетна комисија што ќе ги разгледува постапувањата на институциите во повеќе трагедии, кочанскиот пожар, случајот со модуларната болница, несреќата на „Дурмо турс“ и автобуската трагедија кај Ласкарци.

Покрај оваа седница, во 11 часот е закажана и пленарната седница на која ќе се разгледува дополнетиот Предлог-буџет за 2026 година.

Судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“, во кој на 16 март загинаа 63 лица, меѓу кои и деца, а повеќе од 200 беа повредени, започна на 19 ноември во КПУ Идризово. Постапката, што ја води судијката Диана Груевска Илиевска, се одвива под засилени безбедносни мерки. На обвинителна клупа се наоѓаат 37 лица, сопственици, управители, инспектори, поранешни градоначалници, обезбедувачи и државни службеници.

Извор: Независен

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни