Колапс на електроенергетската мрежа во Украина ја остави Молдавија без струја

Технолошки дефект во украинскиот електросистем предизвика каскадни прекини на снабдувањето со електрична енергија во повеќе региони, вклучително и во соседната Молдавија

Сериозен технолошки дефект во електроенергетскиот систем на Украина утринава предизвика масовни и каскадни прекини на снабдувањето со електрична енергија во поголем дел од земјата, како и во Молдавија, соопштија украинските власти.

Според изјавата на првиот вицепремиер и министер за енергетика Денис Шмигал, инцидентот бил регистриран во 10:42 часот, кога истовремено биле исклучени два клучни далекуводи: 400-киловолтниот вод меѓу електроенергетските системи на Романија и Молдавија, како и 750-киловолтниот далекувод што ги поврзува западниот и централниот дел на Украина.

„Инцидентот ги активираше автоматските заштитни системи во трафостаниците и доведе до каскаден прекин во украинската електроенергетска мрежа. Блоковите на нуклеарните електрани беа превентивно исклучени“, изјави Шмигал.

Како последица, во повеќе региони (вклучително и поширокото подрачје на главниот град, Житомирската и Харковската област) беа воведени вонредни режими на исклучување на електричната енергија. Државната компанија „Укренерго“ веднаш испрати екипи на терен, а надлежните институции информираат дека снабдувањето постепено се обновува и дека целосна стабилизација се очекува во наредните часови.

Медиумите во меѓувреме јавија дека речиси целата територија на Молдавија останала без електрична енергија поради пад на напонот на правецот Исача–Вулканешти–Молдавија. Министерството за енергетика на земјата потврди дека прекинот е директна последица на сериозните пореметувања во украинската електроенергетска мрежа.

Во Киев, поради нискиот напон, целосно беше прекинат сообраќајот на метрото, а дел од станиците беа затворени. Градоначалникот Виталиј Кличко соопшти дека вонредните прекини не го погодиле само снабдувањето со струја, туку и водата и греењето во неколку градски реони, меѓу кои и Оболон. Слична состојба е регистрирана и во Харков, каде што е запрен електричниот јавен превоз и има прекини во водоснабдувањето.

По инцидентот се огласи и украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој соопшти дека добил детални извештаи од министерот за енергетика и од премиерката Јулија Свириденко.

„Активирани се сите неопходни мерки на ниво на украинската електроенергетска мрежа и санацијата е во тек. Наш приоритет е што побрзо стабилизирање на состојбата“, напиша Зеленски.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни