Курдите сочинуваат до 20 проценти од населението во Турција и Ирак, како и околу 10 проценти од населението во Иран и Сирија. Тие се познати како најголемиот народ во светот без сопствена држава, иако во некои земји имаат стекнато одреден степен на автономија.
Во Ирак, Курдите контролираат четири покраини на северот од земјата со курдско мнозинство и располагаат со сопствен парламент, безбедносни сили и закони. Курдите исто така воспоставија автономен регион на североистокот на Сирија, но сириската влада, предводена од новиот претседател Ахмед ал Шараа, повторно презеде контрола врз голем дел од тој териториј.
Како претежно муслимански народ, Курдите во последните години беа сојузници на САД во борбата против таканаречената Исламска држава, обезбедувајќи копнени сили на теренот. Сепак, односите со Вашингтон неодамна се влошија откако Белата куќа ги повика Курдите да ја предадат контролата врз териториите во Сирија на властите на Ахмед ал Шараа.