Кејот на Вардар: Скопскиот рекреативен рај што ни ги освежува деновите – но и совеста
Кејот на реката Вардар со години претставува едно од најпосетуваните, најсаканите, но и најзапоставените јавни простори во Скопје. Во летните месеци кога градот врие, кејот станува спас – место каде што е посвежо, каде што се трча, се шета, се дружи, се вдишува воздух без автомобилски чад. Но, во исто време, станува и огледало на тоа колку навистина се грижиме – и како поединци и како институции – за заедничките простори.
Во анкета што ја спроведовме со случајни минувачи и рекреативци, граѓаните едногласно потенцираа дека кејот е „потребен“, „незаменлив“ и „најубавото нешто што Скопје го има“, но и дека неговата урбана опрема не одговара на таа важност.
Дел од соговорниците забележаа дека има премалку чешми со питка вода – нешто особено важно во овие жешки денови. „Кај фонтаната зад Александар Палас неконтролирано течеше вода, а во близина друга активна чешма нема – ова не смееме да го дозволиме на 35+ степени,“ рече спортист кој секојдневно трча покрај реката.
Недостасуваат и канти за отпадоци – или пак се преполни, што создава чувство на занемарување. Дел од тревниците не се косат редовно, а другите – како што укажа познатиот атлетичар Кокан Ајановски – „веќе двапати беа прекопани за поставување цевки“ на новиот дел во Карпош 4. Тоа е просторот каде што беа посадени околу 1.000 дрвца, со визија таму да никне вистински зелен рекреативен рај. Но, реализацијата е сѐ уште неизвесна.
Кокан Ајановски
„Среќни сме што го имаме Вардар и кејот. Тоа е место за сите генерации – од деца до постари. Но, мора да се грижиме повеќе. Им предлагам на градските власти да воспостават телефонска линија каде граѓаните ќе можат да пријавуваат проблеми – од искршени клупи, до нефункционални чешми или нехигиена,“ вели Ајановски.
Трчам со блиц од телефонот, затоа што осветлувањето не работи, констатира една девојка која е секојдневно на кејот, а две минувачки кои се во посета на нашиот град рекоа дека недостасуваат клупи за седење и повеќе скали кои го поврзуваат едниот со другиот дел.
Граѓаните, пак, со кои разговаравме, веруваат дека одржувањето на кејот е обврска која не смее да зависи од изборни циклуси, туку да биде дел од континуирана стратегија. „Ние сме тука секој ден, градоначалниците се тука по неколку години. Кејот треба да биде приоритет – секојдневен, не само пред избори,“ рече еден случаен минувач.
Иако неодамна состојбата на кејот беше наречена „срамна“, а Град Скопје најави планско расчистување и ангажирање на јавни претпријатија – се чини дека вистинската промена ќе дојде тогаш кога секој граѓанин ќе почне да го доживува овој простор како свое продолжение, а не како ничија територија.
Зашто кејот не е само патека покрај река – тој е патека кон поздрава свест.