Канада испраќа воена помош за Украина во вредност од 750 милиони долари

Следниот месец ќе бидат испорачани дронови, муниција и оклопни возила во вредност 750 милиони американски долари

Канада следниот месец ќе и испорача на Украина дронови, муниција и оклопни возила во вредност од речиси милијарда канадски долари (750 милиони американски долари), најави канадскиот премиер Марк Карни, кој денеска е во посета на Киев по повод Денот на независноста на Украина.

Канадскиот премиер, како што пренесува Укринформ, кажа дека на самитот на Г-7 во јуни, Канада ветила дека ќе обезбеди дополнителна воена помош за Украина во вредност од две милијарди канадски долари (1,5 милијарди американски долари).

– Денес, со гордост објавувам дека една милијарда канадски долари од оваа помош ќе бидат искористени за зајакнување на вашиот арсенал со итно потребни дронови, муниција и оклопни возила – опрема што ќе пристигне следниот месец, изјави Карни.

Тој додаде дека Канада, исто така, ќе обезбеди десетици милиони канадски долари за итна медицинска помош, изградба на засолништа од бомби и зајакнување на демократските институции во Украина, вклучително и поддршка за справување со сајбер напади.

– Како копретседател на Меѓународната коалиција, Канада ќе ја зајакне соработката со Украина, со европските партнери и САД за да обезбеди итно и безусловно враќање на украинските деца, нагласи канадскиот премиер.

Благодарност за новиот пакет канадска воена помош за Украина изрази генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.

– Благодарен сум на Канада и на премиерот Марк Карни, кој штотуку објави финансирање за пакет американска воена опрема за Украина, напиша Руте на социјалната мрежа Х.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни