Јутјуб профитираше со 60 милијарди долари во 2025

Гугл првпат јавно го објави годишниот приход на видео-платформата, откривајќи колку стана профитабилен Јутјуб

Компанијата Гугл соопшти дека платформата Јутјуб во 2025 година остварила приход поголем од 60 милијарди долари, што претставува збир од приходите од огласување и платените претплатнички услуги. Со ова, Јутјуб значително го надмина приходот на својот најголем стриминг-ривал Нетфликс, кој во истиот период оствари околу 45 милијарди долари.

Ова е првпат Гугл јавно и одделно да го прикаже годишниот приход на Јутјуб, откако платформата беше купена во 2006 година. Податокот јасно покажува дека видео-платформата одамна ја надмина улогата на дополнителен сервис и прерасна во еден од најпрофитабилните медиумски бизниси во светот.

Иако глобалните приходи од реклами на Јутјуб во последниот квартал од 2025 година изнесуваа 11,38 милијарди долари (нешто под очекувањата на Волстрит), извршниот директор на Гугл, Сундар Пичаи, оцени дека зад платформата стои „фантастична година“, нагласувајќи го континуираниот раст на корисничката база и услугите.

Клучна улога во овој раст има Јутјуб Премиум, претплатничката услуга што им овозможува на корисниците да гледаат видеа и да слушаат музика без реклами, како и репродукција во позадина на паметни телефони. Според податоците на компанијата, бројот на претплатници на Премиум и Мјузик услугите надминал 325 милиони во текот на 2025 година. Иако Гугл не го објави вкупниот број на претплатници на Јутјуб, од раководството велат дека растот е „силен и стабилен“.

Паралелно со тоа, кратката видео-форма Shorts, која функционира по принцип сличен на TikTok, бележи експлозивна гледаност, со повеќе од 200 милијарди дневни прегледи на глобално ниво. Овој формат се покажа како клучен за задржување на помладата публика и за зголемување на времето поминато на платформата.

Јутјуб бележи и силен раст на европските пазари. Во Велика Британија, каде што минатата година одбележа 20 години постоење, платформата стана втората најгледана медиумска услуга. Според официјалните податоци, Јутјуб го користат 94 проценти од возрасните интернет-корисници во земјата, а просечното дневно време поминато на платформата достигна 51 минута по лице.

Со ваквите бројки, Јутјуб сè појасно се позиционира не само како видео-платформа, туку како доминантен глобален медиум, чиј бизнис-модел комбинира реклами, претплати и масовна продукција на дигитална содржина.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни