Израелскиот министер за одбрана Израел Кац денеска изјави дека израелската армија ќе ги уништи сите тунели на Хамас во Појасот Газа по ослободувањето на заложниците кои се наоѓаат на таа палестинска територија.
На третиот ден од примирјето помеѓу Израел и Хамас, Кац во соопштението нагласи дека овие операции ќе се спроведуваат во рамките на „меѓународен механизам под надзор на Соединетите Американски Држави (САД)“.
„Голем предизвик за Израел по фазата на враќање на заложниците ќе биде уништувањето на сите терористички тунели на Хамас во Газа“, рече Кац и додаде дека наредил на армијата да се подготви за оваа мисија.
Хамас има мрежа тунели под Појасот Газа, кои посебно ги користи неговото вооружено крило.
Израел тврди дека многу од нив ги уништил во текот на повеќе од две години војна, која беше предизвикана од нападот на исламистичкото движење врз Израел на 7 октомври 2023 година.