Изложбата „Човек во размер – (Ре)откривање на јавен простор“ на Наумовски и Ивановски во Јадро

Во среда, 15 октомври, во Културно-социјалниот простор Јадро ќе се одржи изложба и презентација на проектот „Човек во размер – (ре)откривање на јавен простор“ на архитектот Максим Наумовски и уметникот Иван Ивановски.

Настанот е во организација на Фликер студио, во партнерство со архитектонското студио K87a и К.С.П. Јадро, а се реализира со поддршка од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија.

Проектот „Човек во размер“ се фокусира на прашањето за човечката мера и јавниот простор во современиот урбан развој на Скопје, нагласувајќи дека градот треба да расте од сопствената топографија и дух, наместо преку униформни и наметнати урбанистички решенија. Наместо апстрактни концепти, авторите предлагаат пристап што ја враќа архитектурата во однос со човекот, улицата и секојдневниот живот.

Изложбата ја истражува врската меѓу архитектурата и визуелната уметност, третирајќи го градот како жива, променлива структура, обликувана од секојдневните практики и материјалните остатоци. Фокусот е ставен на просторот околу Културниот центар Јадро — дел кој, според авторите, го изгубил својот јавен карактер, претворајќи се во место без граѓански живот.

Во тој контекст, делата се поставени како скулптури-барикади, симболи на отпор и повик на граѓанска акција. Изработени во духот на бруталистичката естетика, тие се масивни, груби и материјално искрени, создавајќи чувство на итност и просторна напнатост. Скулптурите истовремено редизајнираат и реинтерпретираат јавен простор, повикувајќи го минувачот да го преиспита своето движење, навики и однос кон околината.

Процесот на работа вклучува и моделирање на урбаниот пејзаж – реконструкција на згради, улици и возила, кои потоа се прекриваат со слоеви хартија и лепак, создавајќи единствена топографија што се движи меѓу меморија и бришење, присуство и отсуство, град и скулптура.

Биографии на авторите

Максим Наумовски е докторанд на Архитектонскиот факултет при УКИМ. Дипломирал во 2009 година, а професионалното искуство го стекнал на Универзитетот за архитектура и дизајн (УАКС) во Скопје и на Техничкиот универзитет во Виена. Основач е на архитектонското студио K87a, со кое работи на бројни архитектонски проекти.

Иван Ивановски (1983) дипломирал вајарство на ФЛУ – Скопје, а магистрирал филмска режија во Прага (Ф.А.М.У). Зад себе има 26 самостојни изложби и бројни групни настапи низ Европа и светот. Автор е на скулптурите „Луѓе-птици“ во Градскиот парк – Скопје и добитник на наградата „Денес“ (2014).

Изложбата „Човек во размер – (ре)откривање на јавен простор“ претставува уметничко-архитектонски дијалог за односот меѓу човекот, градот и јавниот простор, повикувајќи на ново читање и заштита на колективното урбано наследство на Скопје.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни