Речиси 80 отсто од луѓето во 27-те земји-членки на ЕУ ги чувствуваат последиците од климатските промени во нивниот секојдневен живот, покажуваат резултатите од истражувањето на Европската инвестициска банка (ЕИБ) за 2022/23 година. Повеќе од 80 отсто сметаат дека доколку драстично не ја намалиме потрошувачката на енергија и стоки во наредните години, одиме кон глобална катастрофа.
Анкетата, која ја направи YouGov за Welt am Sonntag, открива од што се луѓето, но и не се, спремни да се откажат заради планетата. Дури 43 отсто од испитаниците рекле дека се спремни да ги намалат патувањата со авион, а 40 отсто да користат помала енергија за затоплување на својот дом. Но, кога станува збор за други проемени во секојдневието кои позитивно би влијаеле за намалување на климатските промени, Германците не беа толку подготвени. Помалку од една третина би биле подготвени да го променат начинот на исхрана, а само 13 отсто би се откажале од приватен превоз, односно од автомобил.
Каде во Европа луѓето се најподготвени да се откажат и какви промени во животот би сакале да направат?
Французинот е подготвен да го ограничи месото и млечните производи
Истражувањето на ЕИБ покажа дека мнозинството Французи (57 проценти) се за т.н буџетскиот систем кога станува збор за јаглеродот. Ова би значело дека на секое лице ќе му бидат доделени фиксен број кредити за трошење на активности, услуги или производи за чие нудење или производство, се ослободува голема количина на штетни гасови, како што се, на пример, авионски летови или купување месо.
Храната исто така беше важна тема за Французите. Шест од 10 изјавиле дека ќе платат малку повеќе за храна која се произведува локално и на еколошки одржлив начин. Мнозинството (57 проценти) беа за ограничување на количината на месо и млечни производи што луѓето може да ги купуваат.
Генерално, народот на Франција верува дека владата има улога во регулирањето на изборот на луѓето. Две третини беа за построги мерки за промена на однесувањето на луѓето во борбата против климатските промени.
Британците против пластиката за еднократна употреба
Анкетата на YouGov спроведена во Обединетото Кралство на почетокот на оваа година покажа дека 36 отсто од испитаниците би биле подготвени да ја ограничат својата потрошувачка на млечни производи и месо на два или три оброци неделно. Само 12 отсто би биле за целосно исфрлање на месото и млечните производи од нивната исхрана.
Речиси 60 отсто рекле дека би биле подготвени никогаш повеќе да не купуваат производи направени од пластика за еднократна употреба.
Малку повеќе луѓе отколку во Германија беа подготвени да се откажат од своите автомобили во корист на пешачење, возење велосипед или јавен превоз. Дури 20 отсто од луѓето рекле дека ќе направат промена, а 14 отсто рекле дека веќе прават нешто околу тоа.
Сепак, Британците беа помалку заинтересирани за промена на навиките за патување. Само четвртина од луѓето изјавиле дека ќе платат дополнителен надомест при купување на авионски билет за да се компензира за влијанието на авионот врз животната средина.
Шпанците за построги владини мерки
Шпанија е земја на ЕУ која ќе биде тешко погодена од климатските промени. Веќе ги трпи последиците од продолжената суша, при што некои региони го ограничуваат пристапот на жителите до вода, бидејќи акумулациите се скоро празни.
Но, неодамнешното истражување на шпанската фондација за наука и технологија покажа дека процентот на луѓе кои веруваат дека климатските промени се многу сериозен проблем е намален од 2020 година.
И покрај ова, истражувањето на ЕИБ покажа дека Шпанија е една од земјите со најголема поддршка за построги владини мерки за промена на однесувањето на луѓето. Дури 80 отсто од испитаниците веруваат дека нивното сопствено однесување може да направи разлика, наспроти просечните 72 отсто во остатокот од Европа.
Истражувањето од 2021 година на Универзитетот во Сантијаго де Компостела покажа зголемена јавна поддршка за субвенционирање на изолацијата на домот, воведување зони со ниска емисија во градовите и ограничување на употребата на возила што загадуваат.
Италијанците се за да се означуваат производите кои се добиени со одржлива енергија
Италијанците исто така беа над просекот на ЕУ кога станува збор за поддршката за построги владини мерки за промена на однесувањето на луѓето.
Означувањето на прехранбените производи за да се истакне нивната одржливост беше идеја поддржана од 85 отсто од италијанските испитаници во истражувањето на ЕИБ. Шеесет и четири проценти од луѓето исто така рекоа дека би биле подготвени да платат малку повеќе за локална храна.
Покрај тоа, над две третини од Италијанците беа за ограничување на количината на месо и млечни производи што луѓето можат да ги купат, со цел да се намалат емисиите на стакленички гасови.
Извор: impulsportal.info