Иран повторно во интернет-мрак: Намерен потег на режимот за прекинување на врските со „надворешниот свет“

Речиси целосен прекин на интернетот во Иран по нападите – аналитичарите велат дека станува збор за обид на режимот да ја задржи контролата и да спречи масовно организирање.

Само неколку часа по првите напади врз Иран, земјата повторно западна во речиси целосен интернет-мрак, што драстично го ограничи протокот на информации и можноста за меѓусебна комуникација на Иранците. Аналитичарите за дигитална цензура тврдат дека исклучувањето на интернетот првенствено е намерен потег на режимот кој се бори за опстанок и контрола, пишува „Гардијан“.

Според Даг Мадори од компанијата за интернет-аналитика „Kentik“, помал дел од прекинот би можел да биде последица на оштетување на инфраструктурата предизвикано од американски или израелски напади, можеби врз оптички кабел. Забележани се неколку помали испади што погодиле повеќе мрежи, што би можело да укажува на технички дефекти како прекин на оптичката мрежа или прекин на електричното напојување. Сепак, експертите се согласуваат дека прекинот главно е резултат на свесна одлука на режимот, очаен да ја задржи власта.

Очajнички потег за опстанок

„Станува збор за контрола, а можеби и за обид да се забави пропаста на режимот“, наведуваат истражувачите од „Project Ainita“ и „Outline Foundation“, организации фокусирани на интернет-инфраструктурата и борбата против дигиталната цензура. „Зашто ако одеднаш попуштите и им дозволите на сите да се поврзат и комуницираат, тие би можеле многу лесно да се организираат и, така да се каже, да ја довршат работата.“

Иран првпат целосно го исклучи интернетот на 8 јануари, неколку недели по ескалацијата на антивладините протести поради вредноста на валутата. Целосниот мрак траеше речиси три недели, сè додека владата на 28 јануари не ги ублажи, но не и целосно укина ограничувањата. Тоа им овозможи на властите делумно да го прикријат крвавиот пресмет со демонстрантите, во кој, според проценките, биле убиени десетици илјади луѓе.

Страв и збунетост меѓу граѓаните

Експертите што ја следат иранската дигитална цензура велат дека најновиот прекин е речиси исто толку сеопфатен како и јануарскиот. Се чини дека мобилните телефони функционираат во рамките на земјата, но секоја друга врска со надворешниот свет е прекината. Оние што немаат пристап до „Starlink“ или алтернативни начини на комуникација се целосно отсечени.

Прекинот на комуникациите ја зголеми збунетоста во Иран. Од една страна, би можел да ги наведе луѓето да останат дома, во страв од излегување на улица без можност да проверат каде е безбедно. Од друга страна, недостигот од информации би можел да ги поттикне да се собираат. „На луѓето им ја одземате можноста да проверат дали нивните блиски се добро“, велат истражувачите. „Но секогаш постои елемент на ризик, и за владата и за народот.“

Долга историја на контрола на информации

Иран одамна настојува да го контролира протокот на информации во своите граници. Истражувачите потсетуваат дека режимот во последните години одел толку далеку што поставувал микробранови предаватели по покривите во Техеран за да ги попречува сигналите и да ги спречи Иранците да следат странски телевизиски и радиостаници. „Навистина се трудеа на сите можни начини да ги блокираат тие канали, дури и по цена на сериозни здравствени последици за населението“, истакнуваат тие.

Тековниот прекин потсети на деновите на страв по падот на шахот и деценијата војна, кога беше речиси невозможно да се дојде до информации за исчезнати членови на семејството или за случувањата во надворешниот свет.

Чувство на заробеност

Исклучувањето на интернетот придонесува за сè поголемото чувство кај обичните Иранци дека нема излез, особено додека Турција ја затвора копнената граница, а воздушниот простор е затворен. „Се создава чувство дека сте заробени, нели? Каде Иранците и инаку, и пред сето ова, можеа да одат без виза?“, прашуваат истражувачите.

„Нема излез. А кога ќе се затвори воздушниот простор, ќе се откажат летовите и ќе се затворат границите, што ви преостанува освен чувството дека сте во стапица?“

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни