Иран ќе ги обнови нуклеарните постројки „со уште поголема решителност“, најави претседателот Пезешкијан

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан најави обновување на уништените нуклеарни постројки по американските напади, уверувајќи дека програмата има исклучиво цивилна цел, додека Меѓународната агенција за атомска енергија забележува „нови активности“ на терен.

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан изјави дека Техеран ќе ги обнови своите нуклеарни постројки „со уште поголема енергија и решителност“, откако тие беа сериозно оштетени во американските воздушни напади во јуни, во текот на 12-дневниот конфликт со Израел.

Обраќајќи се пред високи претставници на Иранската агенција за атомска енергија, Пезешкијан нагласи дека Иран нема намера да создава нуклеарно оружје, туку дека неговата програма е насочена кон научни и медицински цели.

„Целата оваа програма е за решавање на проблемите на народот — за лекување, здравје и научен напредок. Зданијата можат да се урнат, но знаењето на нашите научници не може. Ќе изградиме повторно — и со уште поголема решителност,“ изјави Пезешкијан.

Нападите, спроведени под кодното име „Midnight Hammer“, вклучувале седум американски бомбардера B-2 Stealth, кои исфрлиле 14 бункер-бомби GBU-57, тешки по 14 тони, врз трите клучни постројки. Американскиот претседател Доналд Трамп тврди дека објектите биле „целосно уништени“, додека иранскиот врховен лидер ајатолах Али Хаменеи тоа го оцени како „претерување“.

Вашингтон и Тел Авив го обвинија Техеран дека развива програма за нуклеарно вооружување, додека Иран тврди дека се работи за цивилна програма насочена кон енергетика и медицина.

Тензиите повторно се зголемија откако Трамп изјави дека „без бомбардирањето на иранските нуклеарни постројки, немаше да биде можно примирјето во Газа“, изјава што Хаменеи ја нарече „лажна и уценувачка“.

Истовремено, неименувани дипломатски извори потврдија дека Вашингтон и Техеран индиректно разговараат за можноста за обновување на нуклеарниот дијалог, што би можело да доведе до нов облик на ирански нуклеарен договор.

Според Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA), во Иран не е забележано активно збогатување на ураниум, но останатите залихи на 60% збогатен материјал сè уште се во земјата.

Рафел Гроси, директорот на агенцијата, предупреди дека инспекторите забележале активности околу складиштата со ураниум, но немаат директен пристап до нив поради прекин на соработката со Иран.

Паралелно, американскиот тинк-тенк CSIS (Center for Strategic and International Studies) објави дека според сателитските снимки, во старите постројки нема знаци на рестартирање, но во планинскиот регион Коланг Газ Ла, јужно од Натанс, се гради нов комплекс, со безбедносен ѕид и масивни градежни активности.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни