Иран на работ на експлозија: 13 ноќи по ред протести, брутална репресија и закана од Трамп за интервенција

Протестите започнаа на 28 декември во Техеран, а брзо се проширија низ целата земја. Властите одговорија со целосно гаснење на интернетот и телефонските линии, со што информациите од Иран тешко стигнуваат до јавноста
EPA/FILIP SINGER

Протестите во Иран продолжија и 13-та ноќ по ред, и покрај бруталното задушување од страна на безбедносните сили и отворените закани од властите дека ќе ги казнат „бунтовниците“ кои бараат крај на Исламската Република.

Снимки доставени до Радио Фарда, иранскиот сервис на Радио Слободна Европа, покажуваат масовни собирања и судири во Техеран, како и во поголемите градови Шираз и Машхад. Протести се одржаа и во југоисточниот град Захедан, каде сунитските Белуџи излегоа на улица по петочната молитва.

Демонстрантите сè почесто влегуваат во директни судири со безбедносните сили, палат полициски пунктови и упоришта на паравоената формација Басиџ.
„Ова веќе не е за една или две работи – сакаме промена на режимот“, велат демонстрантите.

Во меѓувреме, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД внимателно ја следат ситуацијата и се закани со интервенција доколку иранските власти продолжат со убиства на цивили.
„Ако почнат повторно масовно да убиваат, ќе ги удриме таму каде што најмногу боли“, рече Трамп, нагласувајќи дека тоа не значи испраќање копнени трупи.

Од друга страна, врховниот лидер Али Хамнеи ги обвини демонстрантите дека се „саботери“ кои работат во корист на САД и предупреди дека државата нема да попушти. По неговиот говор, режимот организираше митинзи на поддршка, широко пренесувани од државните медиуми.

Иранските власти најавија нулта толеранција кон протестите. Обвинителството во Техеран соопшти дека демонстрантите ќе бидат гонети за „мохаребе“ – водење војна против Бога, кривично дело што може да резултира со смртна казна.

Според норвешката организација за човекови права во Иран, досега се убиени најмалку 45 демонстранти, а над 2.000 лица се уапсени. Амнести Интернешнл и ОН предупредија на незаконска употреба на сила и побараа независна истрага за смртните случаи.

Протестите започнаа на 28 декември во Техеран, а брзо се проширија низ целата земја. Властите одговорија со целосно гаснење на интернетот и телефонските линии, со што информациите од Иран тешко стигнуваат до јавноста.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни