Командантот на иранската воена команда, генерал-мајор Али Абдолахи, упати сериозно предупредување до американскиот претседател Доналд Трамп, порачувајќи дека иранските сили ќе ја уништат американската и израелската инфраструктура во случај на напад и дека „вратите на пеколот“ ги чекаат агресорите.
„Откако претрпе последователни порази, агресивниот и воинствен претседател на Соединетите Американски Држави презеде очаен, нервозен, неурамнотежен и глуп чекор со кој ја загрози инфраструктурата на земјата и нашето национално богатство“, изјави Абдолахи, пренесува Тасним.
Тој нагласи дека иранските вооружени сили нема да двоумат ниту момент да ги бранат правата на нацијата и да ја заштитат националната имовина, додавајќи дека секој агресор ќе биде соодветно казнет.
„Во случај на напад од американско-ционистичкиот непријател, ќе ја нападнеме целата инфраструктура што ја користи американската војска, како и инфраструктурата на ционистичкиот режим, без ограничувања, со разорни и континуирани удари“, изјави тој.
Абдолахи додаде дека Иран од почетокот на, како што ја нарече, наметнатата војна, направил сè што најавил.
„Едноставното значење на оваа порака е дека ќе ви се отворат вратите на пеколот“, порача тој.
Претходно, Трамп предупреди дека на Иран „му истекува времето“ за постигнување договор, потсетувајќи на рокот што го поставил за отворање на Ормускиот теснец.
„Времето истекува, 48 часа пред целиот пекол да се спушти врз нив. Фала му на Бога“, напиша Трамп на својата социјална мрежа Truth Social.